Поддршката за интеграцијата во ЕУ опаѓа, но 76 отсто од испитаниците ја поддржуваат регионалната соработка бидејќи сметаат дека е добра за нивните економии
Истражувањето покажува дека огромен процент млади, односно 71 отсто од испитаниците сакаат да се иселат од својата земја

Повеќе од три четвртини од граѓаните на Западен Балкан, односно 76 отсто, ја поддржуваат регионалната соработка бидејќи сметаат дека е добра за нивните економии, додека 69 отсто се согласуваат дека она што ги обединува граѓаните на Западен Балкан е поважно од она што ги дели. Ова се резултатите од истражувањето „Балкански барометар“, објавено од Советот за регионална соработка (СРС).
„’Балканскиот барометар’ укажува на три главни тренда на јавното мислење во Западен Балкан. Како прво дека луѓето веруваат дека регионалната соработка е добра за нивната економија и оти она што ги зближува граѓаните од Западен Балкан е поважно од она што ги раздвојува. Второто е дека поддршката за членство во ЕУ во регионот е помала од 2021 година. А, третата е загриженоста за депопулација“,
се вели во соопштението на СРС.
Истражувањето, кое се објавува деветти пат по ред, е спроведено меѓу 6 000 граѓани и 1 200 компании од целиот регион. Тоа дава преглед на нивните мислења за регионалната соработка, европската интеграција, довербата во јавните институции и медиумите, нивните најголеми грижи, вработувањето, климатските промени, безбедноста, дигиталниот живот, транспортот, владеењето на правото, патувањата.
Дури 71 отсто од младите сакаат да се иселат
Истражувањето покажува дека голем процент млади сакаат да се иселат од својата земја.
„Крајно загрижувачки е тоа што 71 отсто од младите размислуваат да ја напуштат својата татковина“,
вели генералниот секретар на СРС, Мајлинда Брегу.
За пет проценти е повисок процентот на луѓето кои сакаат да живеат во странство. Истражувањето покажува дека 44 отсто од луѓето размислуваат да живеат во странство, што е за пет проценти повеќе отколку во 2022 година.

Пад на поддршката за интеграција во ЕУ
Податоците од истражувањето на СРС покажуваат дека има пад во поддршката за ЕУ во регионот.
„Поддршката на граѓаните од Западен Балкан за интеграција во ЕУ годинава е 59 отсто или три отсто помалку од 2021 година. Во Република Северна Македонија таа е уште пониска и изнесува 50 отсто“,
се наведува во извештајот.
Од граѓаните кои биле дел од истражувањето, дури 69 отсто се согласуваат дека она што ги обединува граѓаните на Западен Балкан е поважно од она што ги раздвојува.
„Еден од пет луѓе го поврзуваат Балканот со надеж или соработка, за 15 отсто од нив Балканот значи самодоверба, додека за еден од 10 луѓе тоа значи страв“,
наведено е во извештајот.
Недоверба во политичките партии
Истражувањето на СРС покажува дека дури 75 отсто од граѓаните не им веруваат на политичките партии.
Дека законот не се применува подеднакво за сите се изјасниле 69 отсто, што е за седум отсто повеќе отколку минатата година.

„Повеќе од половина, 51 отсто, не се задоволни од економската состојба, а 27 отсто велат дека корупцијата е најголемиот проблем. Дури 45 отсто се чувствуваат загрозени од нелегално поседување и злоупотреба на оружје, додека 71 проценти се изјасниле дека војната во Украина значително влијаела на нивната куповна моќ. Голем процент од граѓаните, 65 отсто, изразиле зголемена загриженост за ширењето лажни вести“,
се наведува во извештајот.
Според генералниот секретар на СРС, Брегу, „Балканскиот барометар“ ја раскажува приказната за луѓето кои се загрижени за својата работа и благосостојба, како и за тоа како се што се случува околу нас влијае на нашиот ранлив регион.
„Ја раскажува приказната за подготвеноста да го направиме нашиот дом подобро место за живеење за да се чувствуваме безбедно, со подобра иднина за нас и нашите деца. Во регионалната соработка и работите што не обединуваат луѓето гледаат надеж и можност да се подобрат“,
додава Брегу.