Според истражувањето, за да се прикрие ударот на енергетската криза врз капиталните инвестиции во 2022 година, дури 28 отсто од капиталните расходи односно 130 милион евра биле потрошени за исплати кои не може да се сведат под категоријата „капитални“
Кога станува збор, пак, за делот на ниво на општините, во истражувањето заклучува: „наспроти кратењето на проекти од важност за граѓаните, локалните власти се однесувале како да не е криза кога станува збор за трошоците за патни расходи, плати, договорни услуги и привремени вработувања кои дури пораснале во 2022 година“
За да ги покријат трошоците од енергетската криза во 2022 година, Владата и општините скратиле од буџетските пари наменети за капитални проекти од интерес на граѓаните. Наместо порационално да ги трошат средствата, биле откажани витални проекти во вкупна вредност од 220 милиони евра на национално и на општинско ниво.
Ова го покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), Здружението на даночни советници и Центарот за активни граѓани „Активо“, во врска со последиците од зголемените буџетски трошоци од кризата во 2022 година врз области кои влијаат врз животот на граѓаните, и на национално и на општинско ниво.

„За покривање на растечките расходи од енергетската криза во 2022 година, Владата жртвуваше низа капитални објекти во вредност од најмалку 170 милиони евра, како што се: реновирање здравствени установи, купување медицинска опрема, изградба на детски градинки и домови за стари лица, изградба на патишта, реконструкција на студентски домови, како и проекти за унапредување на животната средина. Кога кон овој износ ќе се додадат и 50 милиони евра капитални проекти кои требало да се реализираат од локалните власти, произлегува дека, поради енергетската криза, во државава вкупно се жртвувани проекти што се од важност за граѓаните во вредност од најмалку 220 милиони евра“,
се вели во клучните наоди од истражувањето објавено денеска.
Според истражувањето, за да се прикрие ударот на енергетската криза врз капиталните инвестиции во 2022 година, дури 28 отсто од капиталните расходи односно 130 милиони евра биле потрошени за исплати кои не може да се сведат под категоријата „капитални“.
Станува збор за дел од исплатите кон АД „Електрани“ за надминување на енергетската криза во вредност од 97 милиони евра, плаќања гаранции по рати за кредити на АД за државни патишта и на „Железници на РСМ – транспорт“ АД Скопје (30 милиони евра), како и за исплатите кон АД „Пошта“ (2 милиони евра) и АД „Водостопанство“ (1,8 милиони евра), исто така поврзани со енергетската криза, покажуваат наодите на трите невладини.
Инаку, во однос на АД „Електрани“, вкупната поддршка за државната компанија во кризната 2022 година изнесувала 230 милиони евра. Но доколку, според истражувањето, кон овој износ се вклучи и беџетската поддршка од 86 милиони евра за истата намена, исплатена кон ЕСМ во последниот квартал од претходната 2021 година, како и 62 милиони евра исплатени во првите девет месеци од оваа година, произлегува дека вкупната поддршка на домашното производство поради енергетската криза изнесува 378 милиони евра.
„Кризната 2022 година се рефлектира во Буџетот низ пораст на трошоците за греење, зголемување на задолжувањата, намалување на способноста на институциите да ги плаќаат навреме своите обврски и низ пораст на потребата од поголеми интервенции од централниот буџет на државата“,
се наведува во истражувањето.
Според него, вкупните пријавени финансиски обврски на буџетските субјекти само во 2022 година се зголемиле за нови 186 милиони евра, односно за 30 отсто, со што достигнале вкупен износ од 800 милиони евра.

Кратења на пари за здравството, образованието, социјалната заштита…
Кога станува збор за кратењата што биле направени за да се покријат трошоците од енергетската криза, лани во областа на здравството најмногу на удар била реконструкцијата и доградбата на здравствените објекти, за што требало да се потрошат 14 милиони евра, а се потрошиле само 3,5 милиони евра, потфрлање во реализацијата за цели 75 отсто.

Во областа на социјалната заштита, како што се наведува во истражувањето, лани не се реализирале, ниту пак почнале да се реализираат, седум градежни проекти за стари и за лица со посебни потребни, како и за деца во градинки, во вредност од 5,5 милиони евра.
Од средствата за инвестиции во образованието во 2022 година биле реализирани само половина, односно од првично буџетираните 20 милиони евра, потрошени за таа намена биле само 10 милиони евра.

„Програмата за унапредување на животната средина од 30 милиони евра е сведена на реализација од само 13 милиони евра. Во областа на земјоделството, шумарството и водостопанството, за потпрограмите ‘Хидросистем Злетовица’ и ‘Модернизација на земјоделството’ биле планирани 4,5 милиони евра, а потрошени се само нешто над 1 милион евра. Инвестициите во патната инфраструктура со Буџетот за 2022 година првично биле проектирани на 96 милиони евра, за потоа целосно да се укинат, а намалување на средствата имало и за проекти за водоснабдување и одведување отпадни води“,
се наведува во клучните наоди од истражувањето кое се однесува на областите на национално ниво.
Големо кратење на средствата податоците евидентираат и во реформите на казненопоправните установи, каде што од првично планираните 4,5 милиони евра реализирани се само 127 илјади евра.

Без реализација останале и плановите за реновирање на амбасадите, конзулатите и резиденциите на Република Северна Македонија во Бразилија, Канбера, Атина, Будимпешта, Цирих и Хараре.
Во 2022 година не е купена ниту планираната ИТ-опрема на Управата за јавни приходи (УЈП) ниту е направена надградбата на постоечката опрема и консолидирање на базите на податоци во вредност од 800 илјади евра.
„Високите расходи во сегментот на плати и надоместоци, субвенционирањето на енергетскиот сектор, како и општиот тренд на зголемување на трошоците, вклучувајќи ги трансферите кон социјалните фондови и системското зголемување на делот од прибраните средства по основа на данок на личен доход и ДДВ што се пренесува во корист на општинските буџети, ги напрегнува јавните финансии, поради што ефектот од инфлациската дивиденда кај буџетските приходи се анулира, а остануваат буџетскиот дефицит и задолжувањето како опции за решавање на дефицитите. Задолжувањето ќе биде иден буџетски товар (расход) во согласност со договорените услови за финансирање на дефицитот“,
се нотира во истражувањето.
Исто така, во него се посочува дека постои и големо салдо на ненаплатени даноци (по основа на ДДВ од промет во земјата и од увоз, данок на добивка, данок на личен доход, акцизи и царини) кои, според евиденцијата на Управата за јавни приходи, изнесуваат повеќе од 143 милиони евра.
Истражувањето нотира и дека институциите покажале исклучително ниско ниво на отчетност во однос планираните, а нереализирани проекти.
„…што во одредени ситуации отвора сомнеж и за свесно криење на информациите од јавноста“,
се наведува во него.
За патни трошоци, плати и привремени вработувања општините се однесувале како да нема криза
Кога станува збор, пак, за делот на ниво на општините, во истражувањето заклучува: „наспроти кратењето на проекти од важност за граѓаните, локалните власти се однесувале како да не е криза кога станува збор за трошоците за патни расходи, плати, договорни услуги и привремени вработувања кои дури пораснале во 2022 година“.
Така, во 2022 година е забележан раст на трошоците за патни и дневни расходи за дури 145 отсто споредено со годината претходно, за основни плати расходите пораснале за 5,4 отсто, договорните услуги во 2022 година пораснале за 25,9 отсто на годишно ниво, додека, пак, трошоците за привремени вработувања се зголемиле за 3,3 отсто.

Во однос, пак, на плановите за инвестирање во градежни објекти, сите единици на локалната самоуправа, заедно со Град Скопје во екот на енергетската криза со одделни ребаланси незначително скратиле од првично планираните 140 милиони евра на 133 милиони евра, но значително потфрлиле во реализацијата.
„Така, од оваа планирана сума на крајот се инвестирале 5,5 милијарди денари (89 милиони евра), што значи дека не се реализирале градежни капитални проекти во вкупна вредност од 3 милијарди денари (51 милион евра)“,
покажува истражувањето.
Исто така, со ребалансите сите единици на локалната самоуправа ги зголемиле буџетските ставки од кои се плаќало за комунални услуги, греење, комуникација и транспорт, трошоци кои изнесуваат колку и инвестициите во градежни објекти.
„Произлегува дека зголемувањето на трошоците за енергија е целосно покриено со финансискиот комфор создаден преку нереализирањето на капиталните инвестиции во 2022 година“,
се посочува во истражувањето.

Во 2022 година, сите Единици на локалната самоуправа потрошиле дури 74,6 отсто повеќе пари за комунални услуги, греење, комуникација и транспорт, споредено со 2021 година.
Во однос на реализацијата на капиталните градежни проекти натпросечно потфрлиле дури 19 општини.
„Тоа значи дека, на ниво на општини, отстапувањето меѓу проектираното и реализираното се движи во рамките од 570 илјади до 12 милиони евра. Само оваа група ЕЛС се ‘виновни’ за нереализирањето на 84 отсто од сите неизградени капитални објекти лани. Дури 70 ЕЛС имаат капитални расходи помали од 100 евра по жител на годишно ниво. Во овие општини живее 95 отсто од населението во земјава, додека во преостанатите 11 општини со капитални расходи над 100 евра по жител годишно, живее само 5 отсто од населението“,
покажува истражувањето.

Други градежни објекти во 2022 година. Според податоците за извршување на буџетите на ЕЛС за периодот 1.1. – 31.12.2022 година од Министерството за
финансии
Во истражувањето се нотирани и огромни разлики во буџетските трошоци на општините, гледано по жител.
Најголем буџет по жител има Новаци, 736 евра, додека на дното е Пласница, чиј буџет по жител е шестпати помал и изнесува само 117 евра.
„И покрај зголемените трансфери од централниот буџет во 2022 година за 10 отсто, овозможени со законските измени за поголема фискална децентрализација, сепак вкупните приходи на сите ЕЛС на годишно ниво се зголемени за незначителни 0,9 %. Ова е, главно, поради послаба наплата на даноците на специфични услуги (Надомест за уредување градежно земјиште, комунални такси). Во исто време, општините повторно натрупале долгови од 66,4 милиони евра) доспеани обврски, заклучно со крајот на 2022 година, и покрај обидот на државата во 2019 година да им подмири голем дел од заостанатите обврски. На крајот од 2022 година, дури 14 од општините имале и блокирани сметки“,
се посочува во истражувањето во делот за општините.