Младите во Северна Македонија на возраст од 15 до 35 години се некаде меѓу апатија, оптимизам и разочарување: не се среќни од тоа каде живеат и над половина би се иселиле, имаат авторитарни ставови, гласаат на избори, имаат изразена хомофобија, главно се информираат од социјалните мрежи.
Вака би се сумирале резултатите од обемното истражување на Вестминстер фондацијата за демократија (ВФД) и Младинскиот образовен форум (МОФ) спроведено од 23 до 29 мај годинава преку телефонска анкета на репрезентативен примерок од 1.025 млади лица од сите осум плански региони во државава.
Претставникот на ВФД, Дамир Незири потенцира дека истражувањето е насловено „Апатија, оптимизам или разочараност?“, три збора кои, како што рече, совршено ги сублимираат ставовите на младите во однос на нивното место во општеството.
„Тие не се информираат за општествено-политичките случувања, но речиси секогаш гласаат на избори; сметаат дека не се доволно консултирани и вклучени во процесите на одлучување, но сепак голем дел од нив веруваат дека во иднина ќе биде подобро, особено ако државата стане дел од Европската Унија“, вели Незири.
Според Стефани Спировска, претседателка на Младинскиот образовен форум како партнер во истражувањето, она што загрижува во оваа студија е изразениот конзервативизам на младите луѓе во земјата. Исто така, загрижувачки е и податокот дека, со исклучок на групата меѓу 15 и 18 години, кај сите останати старосни групи преовладува силна авторитарна свест, хомофобија и непочитување кон жените.
Што велат бројките

– за 84% на државата ѝ е потребен лидер со „цврста рака“;
– за 59% припадниците на ЛГБТ-заедницата не треба да има место во политиката;
– за 35% мажите се подобри политичари од жените;
– 64% гласаат на избори;
– 90% никогаш не биле дел од граѓанска или невладина организација;
– 70% очекуваат земјата да стане членка на ЕУ до 2025;
– 59% би се иселиле од државата;
– 7% се членови на политичка партија, 20% се симпатизери;
– за 31% државата оди во вистинска насока;
– за 36% земјата за пет години ќе биде подобро место за живеење;
– за 63% сите политички партии се исти;
– 84% најчесто го користат Фејсбук;
– 35% се информираат за политичките случувања на социјалните мрежи, 33% од телевизија;
– 29% би се ангажирале општествено или политички поради невработеност и сиромаштија;
Авторитарни ставови и хомофобија
Осумдесет и четири проценти од анкетираните млади во оваа студија сметаат дека на државата ѝ е потребен лидер со „цврста рака“. Според Спировска, не е јасно дали под тоа можеби подразбираат стабилни институции и функционален систем.
Но за Мартин Галевски, автор на студијата, ова е причина за сериозна загриженост во општеството.
„Можеме да влеземе во дискусија што значи лидер со цврста рака. И како младите тоа го перципираат. Во светската литература ваквото прашање се поврзува со авторитарни тенденции. Младите очигледно имаат наклонетост кон таков тип лидери. И тоа треба да нè загрижи како општество“, вели Галевски.
Според истражувањето, 64 проценти гласаат на избори.
59% проценти би си заминале од државата, и тоа во најголем дел оние на возраст од 25 до 29 години, со ниски семејни примања и кои не изразуваат припадност кон ниту една партија.
„Половина од младите чувствуваат неизвесност за својата иднина. Овој факт е особено загрижувачки бидејќи ваквиот тип прашања се тесно поврзани со желбата за иселување. Од друга страна, само еден од десет млади луѓе се чувствуваат сигурно кога размислуваат за својата иднина“, вели Галевски.
Шесеет отсто од младите веруваат дека С.Македонија ќе стане членка на Европската Унија, додека 70 проценти сметаат дека тоа ќе се случи во следните пет години. Младите што веруваат во европската перспектива на земјата се помалку расположени да си заминат од земјата, додека оние што се граѓански ангажирани се позадоволни со своето место во општеството од своите врсници.
Високи 59 проценти од испитаниците сметаат дека за припадниците на ЛГБТ-заедницата не треба да има место во политиката, наспроти 23 отсто со либерални ставови. Покрај ова, 35 отсто од младите испитаници се изјасниле дека мажите се подобри политичари од жените.
Единствена светла точка во овој податок е дека сепак најлиберални погледи имаат младите на возраст помеѓу 15 и 18 години.

За Галевски клучна улога тука има образованието.
„Иако постојат одредени подобрувања од пред 10 или 15 години, тоа очигледно не е доволно. Во голем дел од учебниците сѐ уште постојат длабоко проблематични гледишта во однос на поимањето на државата, авторитетот, семејството, родот, општествениот активизам итн.“, објаснува тој за „Дојче веле“ додавајќи дека сепак сериозно влијание имаат и начинот на социјализација и фамилијарните вредности со кои се соочени младите во секојдневието, како и конзервативниот наратив кој се провлекува во јавниот дискурс.
Министерот за образование и наука Арбер Адеми, кој вчера лично ги слушна резултатите од оваа студија, рече дека резултатите од ваквите истражувања се важни за институциите бидејќи тие се индикатор за задоволството и незадоволството на младите од нивното учество и вклученост во општеството.
„Преку ова истражување се иницираат нови идеи и можности за соработка. Неколку од заклучоците што ни беа презентирани претходно се вклучени во новите закони во образованието преку кои се овозможува поголема вклученост на учениците во процесот на одлучување за програмите во нивните училишта“, вели Адеми.
Но британската амбасадорка во земјава Рејчел Галовеј смета дека ваквата слика мора да се промени.
„Важно е да имаме силни, здрави и ангажирани млади. Само со инвестирање во младите може државата во иднина да има подобри лидери. Сите институции во земјата треба да ги имаат младите повисоко на својата агенда. Нивната доверба во институциите е ниска. Тука сум да ги охрабрам да се ангажираат општествено да го кренат својот глас. Вие ја обликувате иднината, вие треба да го направите општеството подобро, поотворено, поинклузивно“, рече Галовеј на вчерашната презентација. Целта на студијата е да даде слика за перцепциите на младите и политиките и пристапите што треба да се преземат за да се подобри нивната позиција во општеството, поради што младите луѓе треба да бидат високо на листата на приоритети на националните и локалните власти, образовните институции, граѓанските организации и медиумите за да се поддржи нивното активно учество во општествените текови.