Граѓаните на пет земји од Западен Балкан – Северна Македонија, Косово, Србија, БиХ и Црна Гора се анкетирани меѓудругото, за тоа која земја ја сметаат за економски и политички партнер, дали се за лченство во ЕУ и какво е влијанието на лажните вести
Граѓаните на Косово и Северна Македонија ги сметаат САД за свој најзначаен економски и политички партнер, додека за оние во Србија тоа се Русија и Кина, покажува најновото мултинационално истражување за Западен Балкан што го спроведе Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ).
Истражувањето е спроведено во Северна Македонија, Косово, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, а анкетираните, освен на прашањето за тоа кого го сметаат за економски и политички парнерт на својата земја, одговарале и за членството во ЕУ и за влијанието на лажните вести и дезинформациите.
Регионалниот директор на ИРИ за Европа Пол Мекарти, сублимирајќи го заклучокот, вели дека истражувањето укажува на поделени мислења во однос на значањето на САД како економски и политички партнер и на ентузијазам кај граѓаните на овие земји за посилни врски со Европската Унија (ЕУ). И
„И покрај силните напори на Кина и Русија да извршат влијание врз Западен Балкан, оваа анкета покажува дека многумина во регионот ги насочуваат своите интереси кон Западот“,
вели Мекарти.
Според него, ваквиот став се должи на постојаната поддршка од САД и ЕУ за јакнење на демократијата во овој регион, со што се овозможува овие земји да се спротивстават на влијанието од авторитарните сили.
САД од една, Русија и Кина од друга страна
Дури 94 проценти од анкетираните на Косово се изјасниле дека САД се најзначаен економски партнер, додека во Србија 73 проценти сметаат дека тоа е Русија, а 71 процент дека тоа е Кина.

Само 13 проценти од срските граѓани сметаат дека САД се важен парнтер за нивната земја.

Косово и Северна Македонија ја предводат листата кога станува збор за изборот на САД како најважен политички партнер, а вака се изјасниле и поголемиот број анкетирани во Црна Гора. Во Босна и Херцеговина тој процент е 29, додека во и Србија 15 %.

Сите се за членство во ЕУ
На прашањето како би гласале ако утре се одржи референдум за членств во ЕУ, мнозинството анкетирани во сите земји се изјасниле дека ќе гласаат „за“. Најголем процент на поддршка на членството на земјата во ЕУ има на Косово – 93 %, потоа во БиХ – 76 проценти и Северна Македонија 74 проценти.
Лажни вести се секојдневни и штетни
Она што како заедничка нишка во сите пет земји ја покажало ова истражување е загриженоста на граѓаните од влијанието на дезинформациите и лажните вести. Мнозинството граѓани во БиХ, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија се согласни дека погрешните или лажните информации во медиумите со кои се соочуваат „дневно“, „скоро секој ден“ или „неколку пати неделно“, се „многу“ или се „донекаде“ проблематични за нивните земји.
„Имајќи предвид дека голем дел од дезинформациите што кружат на Балканот произлегуваат од авторитарни сили како што се Кина и Русија, утешува фактот што граѓаните на Балканот ги препознаваат проблемите кои ги предизвикува овој феномен“,
вели Мекарти, коментирајќи ги резултатите од истражувањето.
Истражувањето за Центарот за анкетни истражувања на ИРИ го спроведе Ипсос од Босна и Херцеговина во периодот од 2 февруари и 6 март годинава, преку теренска анкета лице-в-лице во домовите на испитаниците, врз примерок од 966 до 1 517 испитаници во секоја од петте земји и маргина на грешка од 2,5 до 3.2 проценти.

Истражувањето е поддржано од Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД).
