Станува збор за случај во кој малолетно девојче било уценувано и принудувано на сексуални услуги со други лица. Во заблуда ја довел 25-годишен велешанец кој откако стекнал доверба кај неа и таа му поверувала дека ќе почнат љубовна врска, се сретнале. На првата средба снимал порнографски материјал со девојчето, а потоа го принудувал на средби со други кои ѝ вршеле сексуална експлоатација
Истрагата за сексуална злоупотреба и изготвување порнографски материјал во Велес, случај во кој жртва е 14-годишно девојче, е проширена за уште 10 лица.
Од нив, шестмина се осомничени за трговија со дете, двајца за полова злоупотреба на немоќно лице и двајца за производство и дистрибуција на детска порнографија.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) истрагата ја започна во јануари годинава кога првично беа осомничени пет лица. По прибирање на нови докази, денеска е проширена за десет нови осомничени, од кои девет се приведени, а еден се наоѓа во странство.
„По преземените дејствија во текот на истражната постапка, јавниот обвинител прибави цврсти докази врз основа на кои во соработка со Националната единица за сузбивање криумчарење мигранти и трговија со луѓе при МВР денес спроведе акција. Извршени се претреси на повеќе локации во Велес и на по една локација во Скопје и во Тетово, притоа лишени се од слобода девет лица, додека еден осомничен се наоѓа надвор од државата“,
соопштија од ОЈО ГОКК.
За осум од новите осомничени, надлежен обвинител бара притвор, додека за двајца мерки на претпазливост. Причините за барањето за најстрога мерка за обезбедување се опасност од бегство, но и опасност од прикривање, фалсификување или уништување на трагите, влијание врз сведоци и попречување на истрага, како и можност да го повторат делото.
За кривичните дела трговија со дете и полова злоупотреба на немоќно лице предвидени се затворски казни од најмалку осум години, додека за производство и дистрибуција на детска порнографија затворска казна од 3 до 5 години.
Кога ја отвори истрагата против првите пет лица, ОЈО ГОКК излезе со информација дека првоосомничен е 25-годишен велешанец. Тој од крајот на декември 2021 и во текот на 2022 година со употреба на закана над малолетното девојче им овозможил на другите осомничени да вршат полови дејствија врз девојчето, односно сексуална експлоатација и порнографија.
Тој во декември 2021 година преку Инстаграм стапил во контакт со девојчето жртва и по неколку недели континуирана комуникација, откако стекнал доверба кај жртвата, ја довел во заблуда дека ќе почнат љубовна врска.
„На првата средба бил направен порнографски материјал, кој првоосомничениот го користел како закана за да го присили девојчето да доаѓа и на други средби, заканувајќи се дека доколку не дојде, материјалите со интимна содржина ќе ги објави и ќе ги сподели на социјалните мрежи, со што ќе ѝ наштети на нејзината чест и углед“,
соопштија од Обвинителството во јануари.
Првоосомничениот потоа ја принудувал малолетната жртва во повеќе наврати да оди во станови што биле наменски изнајмувани на повеќе локации во Велес. На средбите со другите осомничени, но и други непознати машки лица, се консумирале наркотична дрога и алкохолни пијалаци, па во таква состојба тие вршеле полови дејствија врз малолетното девојче.