Има уште три лица кои се хоспитализирани, меѓутоа по нив не може сега да се постапува имајќи предвид дека се во болница, со тоа што едното е надвор од државата, а другите две лица се тука во државата, кажа Коцевски
Шеснаесет лица се во притвор и уште едно лице чека во зградата на Јавното обвинителство за Судот да определи мерка 48-часовен притвор, соопшти државниот обвинител Љупчо Коцевски во „Тема на денот“ на ТВ Сител. Тој потенцира дека истрагата за пожарот во дискотеката во Кочани ќе биде брза и ефикасна, но не избрзана. Обвинителскиот тим, како што кажа, постапува многу претпазливо и доказите, според Коцевски, се прибавуваат внимателно и на законит начин.
„Има уште три лица кои се хоспитализирани, меѓутоа по нив не може сега да се постапува имајќи предвид дека се во болница, со тоа што едното е надвор од државата, а другите две лица се тука во државата“,
кажа Коцевски, додавајќи дека проценка на медицинскиот персонал е кога ќе може со нив да се изврши разговор.

Во однос на постапката за градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, обвинителот посочи дека се утврдува неговото својство.
„Градоначалникот даде исказ во однос на неговите надлежности и исказот и ќе се проверува согласно доказите. Врз основа на тоа беше дадена наредба за претрес и се изврши претсрес во општината. Сега ќе се анализираат доказите кои се во однос на неговата надлежност и неговите овластувања, па потоа ќе се утврди неговото својство“,
рече Коцевски.
На прашањето за транспортот на доказите во црни вреќи , тој вели дека материјалите се обезбедуваат во согласност со законот за кривична постапка. Не очекува проблеми во овој дел и најави квалитетно вештачење на доказите.
„Јавните обвинители беа на лице место, вршеа увид, беа присутни и други вешти лица. Имаше насоки што да се вештачи понатаму и да се преземе во однос на материјалот и она што е затекнато таму. Увидот се вршеше најпрофесионално од страна на јавниот обивнител, но местото на настанот е сè уште обезбедено и доколку има потреба, ќе се врши дополнителен увид. Во разговор со вештите лица можам да кажам дека ќе добиеме навистина квалитетно вештачење“,
вели Коцевски.
Коцевски повтори дека истрагата ќе биде професионално изведена и дека ќе се утврдат сите релевантни факти, а секој за кого ќе се утврди вина ќе одговара и правдата ќе излезе на виделина.