Истрагата, како што кажа обвинителката Искра Хаџи Николова на денешниот брифинг со новинарите, откако почнала пред околу една година, добила форма на мозаик бидејќи информации и пријави доаѓале од повеќе извори, лица, пријавувачи, и секоја од нив првично требалo да се земе со резерва и да се провери дали се совпаѓа со нешто што Обвинителство го поседува како факт и доказ
Сепак, од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција засега не можат да излезат со тврдење од кој или од колку случаи потекнуваат парите пронајдени во семејниот дом на апелацискиот судија Ѓоко Ристов. Тоа треба да го покаже понатамошната истрага
Комплексна, интересна и мозаична. Вака Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција го опиша текот на истрагата која ги довела истражителите до ѕидот од кујната на семејниот дом на апелацискиот судија Ѓоко Ристов, каде со тргање на плочка во кујната, почнале да течат пари во вкупна сума од 350 000 евра.

Барањето на парите било како трагање по игла во сено, кажаа од ОЈО ГОКК на денешниот брифинг со новинарите за случајот што со денови предизвикува коментари во јавноста.
Дека парите се во ѕидот од кујната во домот на родителите на судијата Ристов, истрагата ја навел свежиот цемент што бил пронајден во објектот, кој пак не се совпаѓал со изјавите на домаќините дека во скоро време не правеле градежни зафати.
„Едноставно не е логично“,
кажа обвинителката што го води предметот.
Вториот обид успешен
Инаку, парите биле најдени од втор обид во истиот објект, откако претходните претреси на други три локации се покажале безуспешни за истражните органи.
Во расплеткувањето на мрежата, која истражителите ги довела до 350 000 илјади евра, а апелацискиот судија Ѓоко Ристов го одведе во куќен притвор, како што можеше да се разбере на брифингот, истражителите ги однела логиката, искуството на полицијата и современата технологија со која располагаат.
„Први првиот обид не беше најдено ништо, па малку се разочарувате, па велите ајде да се обидете уште еднаш. Се направи обид во домот на родителите во Неготино. И со макотрпна работа, на истражителите и полицајците, малку отидовме и технички поподготвени со опрема која се користи. Сепак мора и криминалистичко и реално, истражно и логично водење на самиот предмет. Ќе најдете цемент, ќе најдете нешто, така и одеше отприлика, како што јас знам за претресот. Потоа за цементот кога е произведен, а претходно на прашање дали сте правеле нешто ново, велат не не сме правеле, тоа отвора сомневање. Просто поразлични плочки, кои биле искршени, и кои тропале при удар со рака и во дел се користеше и опрема. Нас нè обврзуваат прoписите да не рушиме и да не кршиме од она што е неопходно и да не растураме при претресите. И се потрудивме што поелегантно, но при мало кршeње се појави дупка, дупката се прошири во десно и почнаа да паѓаат пари, поединечно спакувани“,
рече обвинителката што го води случајот, Искра Хаџи Василева.
Истрагата, како што кажа обвинителката откако почнала пред околу една година, добила форма на мозаик, бидејќи информации и пријави доаѓале од повеќе извори, лица, пријавувачи, и секоја од нив првично требала да се земе со резерва и да се провери дали се совпаѓа со нешто што Обвинителство го поседува како факт и доказ.
„Истрагата тргна од пријавени наводи во однос на ете судии во Апелација, потоа случувањата беа во една форма на мозаик, ќе дојде сведок кој ќе ви каже дека му се влијаело, и од страна на адвокати во некакви постапки, постапки кој ги водел во обвинителство. Ќе добиете контекст, ќе прашате што се случило во тие предмети, особено кога има вклучено повеќе луѓе со влијание, во некоја постапка, каде се обидете за влијание. Во јавноста често се слушаше онолку платиле толку платиле. Дел од тоа го земате во една шпекулативна форма, па правите проверки за да најдете логика во сето тоа, бидејќи и чаршијата наша ќе си дозволам, многу често излегува со пошироки и послободни толкувања. Па, предизвик за истрагата е да се обидете да најдете објективен факт и објективна слика. Поентата ми е дека истрагата не е градена од само еден наод. Потоа имате телефон кој ќе се појави во истрага, кој да кажеме дека е на затвореник и кој ќе ви го посочи затворската служба, па внатре имаме и опрема која ни дава повеќе можност“,
наведе обвинителката на ОЈО ГОКК.

Контурите исцртани со апсењето на Стафа
Сепак, како што и претходно беше навестено од Обвинителството во соопштението од неделата, сите информации почнале да добиваат смисла, односно контурите на случајот почнале да се исцртуваат со апсењето на адвокатот и поранешен државен правобранител Фехми Стафа.
Стафа беше уапсен на 13 декември минатата година, во рамките на постапка што против него ја поведе Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), поради основано сомнение дека сторил кривично дело примање награда за противзаконито влијание.
Како што информираа тогаш од Обвинителството, во периодот од октомври до 13 декември, осомничениот Стафа примил вкупно 50 000 евра за да посредува и да влијае кај судија во Апелацискиот суд Скопје во врска со предмет што се водел против негов клиент, односно лице што го застапувал како адвокат. Намерата, според ОЈО ГОКК, била преку поткуп да се влијае врз извршување службено дејствие кое не смеело да биде преземено.
Непосредно по примањето на парите, осомничениот Стафа беше лишен од слобода, при што кај него беа пронајдени и одземени паричните средства. Инаку, лицето за кое поранешниот државен правобранител требало да издејствува укинување мерка притвор е осомничениот во случајот „Синџир“, Љупчо Пецов, познат по прекарот Ѓаволот.
„Во тој предмет осомничениот Фехми Стафа беше флагрантно фатен со вториот износ од 30 000 евра и претходно се побарани уште 20 000, вкупно 50 000 евра, до вкупна сума, според она што е навод од истрагата, од 100 000 евра колку што се побарани да се укине мерката“,
рече обвинителката Ивана Хаџи Василева.
Нема доказ од каде се парите
Сепак, од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, засега не можат да излезат со тврдење од кој или од колку случаи на поткуп потекнуваат парите пронајдени во семејниот дом на апелацискиот судија Ѓоко Ристов. Тоа треба да го покаже понатамошната истрага.
„Тешко е да обезбедите директен доказ особено за поткупите, едноставно примопредавањата одат директно од рака на рака. Има многу посредници додека парите да стигнат до примачот“,
велат од Обвинителството.
Одговарајќи на новинарските прашања, обвинителката Хаџи Василева рече дека ниту во случајот со Стафа, ниту во последниот со апелацискиот судија Ѓоко Ристов не биле користени посебни истражни мерки (ПИМ; односно не биле прислушувани нивните телефони, не биле следени и сè друго што опфаќа тој спектар на мерки.
„Истрагата налагаше многу интересни тактики. Фехми Стафа никогаш не бил ставен на посебни истражни мерки. И во тој дел размислувавме различно. Ако веќе имате контакт многу ретко се зборува на отворена линија. Одите од тоа што е разумно. Не применувате овластувања од кои немате ефект. Тогаш се обидувате со она што можете. И Ѓоко Ристов никогаш не бил под посебна истражна мерка“,
рекоа од ОЈО ГОКК на брифингот.
Во однос на кривичните дела за кои се товари Ристов, од ОЈО ГОКК велат дека она што е сигурно е дека е парите што се најдени во неговиот семеен дом тој не можел да ги стекне од неговата плата како судија и државен службеник или од други извори за кои Обвинителството има докази дека се легални.
Ова го покажала финансиската истрага, која сè уште е во тек.

Што се однесува до наводите на одбраната на Ристов дека парите не биле негови туку на неговите родителите, како што самите тие кажале во записникот од претресот, за Обвинителството не се доволно цврста подлога што би била посилна од нивните докази.
„Вчера беше изнесена една одбрана пред обвинителство и упатено е да слушнете, да дадете можност да се произнесе осомничен. Таа одбрана која беше дадена и во Обвинителството и во судот, во еден краток наратив мене не ме убеди ниту пак се чини како кредибилна во однос на она што ние го имаме како доказ- случувањата на самиот претрес и вербални докази и начинот на кој се најдени и чувани парите. Одбраната дека се од родители или од земјоделци мене искрено не ме убеди“, рече обвинителката Хаџи Василева.
Таа беше прашана зошто за Ристов Обвинителството побара куќен, а не затворски . Кажа дека судијката е на активно боледување и дека станува збор за балансирана и пропорционална мерка.
„Таа мерка може да трпи во секој момент промена, на построго или поблаго“,
рече Хаџи Василева.
Апелацискиот судија Ѓоко Ристов од вчеравечер е во куќен притвор. Се товари за кривичните дела за кривичните дела – противправно стекнување и прикривање имот, според членот 359-а став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, како и за перење пари и други приноси од казниво дело.
Решението на скопскиот Кривичен суд да му одреди куќен притвор и да му го одземе пасошот на Ристов, уследи откако претходно Судскиот совет на барање на судот на итна седница одлучи да му го одземе имунитетот на апелацискиот судија и да даде одобрение да му бидат одредени мерките за обезбедување присуство што ги предложи надлежното обвинителство.
Од Здружението на судиите денеска преку соопштение ги oхрабрија институциите да спроведат темелна и транспарентна истрага за случајот апелациски судија Ристов и изразија очекување истрагата да ги утврди сите релевантни факти и околности како и евентуална вклученост на други лица.
Сепак, како што додадоа оттаму случаите со корупција во судството не смеат и не треба да се поврзуваат со судиите кои чесно, професионално и одговорно ја извршуваат функцијата, а кои се огромно мнозинство во судството. Од Здружението на судии велат дека се оградуваат од секој корумпиран носител на судска функција кој со своето незаконско постапување го нарушува угледот и интегритетот на судскиот систем.
