Случајот, како што велат од МВР, бил инициран по добиена информација од германската полиција за истрага поврзана со сексуална злоупотреба на деца. Германските власти идентификувале профил на апликацијата Телеграм со телефонски број и ИП-адреса од Северна Македонија, кој дистрибуирал и поседувал таков материјал

Основното јавно обвинителство Скопје започна истрага против 27-годишен скопјанец, осомничен за кривично дело производство и дистрибуција на детска порнографија.
Според информациите, осомничениот со месеци набавувал и поседувал фотографии и видеа со детска порнографија на својот мобилен телефон и таблет.
Од Обвинителството велат дека осомничениот материјалите во форма на фотографии и видеа на кои биле прикажани очигледни полови дејствија со деца ги прибавувал од други лица преку различни интернет-апликации, веб-страници и форуми.
Со цел негово обезбедување во текот на постапката јавен обвинител предложил мерки на претпазливост за осомничениот кои вклучуваат забрана за напуштање на живеалиштето, одземање на патна исправа, повремено јавување во судот, но и забрана да користи интернет апликации на мобилни телефони и други уреди, како и забрана да одржува контакти со лицата со кои преку интернет-профили во странство разменувал детска порнографија.
За случајот информираа и од Министерството за внатрешни работи (МВР) од каде што велат дека 27-годишниот скопјанец Ф.М. е лишен од слобода во полициската станица Гази Баба и оти за него е поднесена кривична пријава.
Случајот, како што велат од МВР, бил инициран по добиена информација од германската полиција за истрага поврзана со сексуална злоупотреба на деца. Германските власти идентификувале профил на апликацијата Телеграм со телефонски број и ИП-адреса од Северна Македонија, кој дистрибуирал и поседувал таков материјал.
„Секторот за компјутерски криминал при МВР веднаш презеде мерки, при што по добиени наредби од судот, на 20.08.2025 година е извршен претрес во домот на осомничениот Ф.М. (27). За време на претресот, пронајдени и одземени се повеќе електронски уреди за понатамошна постапка“,
велат од МВР.