Второосомничениот со своето „бе-ем-ве“ го попречил патот на автомобил „фолксваген голф 7“, со кој се превезувале оштетениот и уште едно лице, по што заедно со првоосомничениот се упатиле кон нив и ги нападнале физички, најпрво удирајќи ги со боксови, а потоа и нанесувајќи им убодни рано
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Струга поведе истрага против две лица осомничени за убиство во обид, насилство и за помагање при извршување на обидот за убиство.

Изнесувајќи детали за настанот од 2 август, од ОЈО Струга наведуваат дека поради претходно нарушени меѓусебни односи, првоосомничениот се обидел да лиши од живот едно лице. Второосомничениот најпрво со своето „бе-ем-ве Х6“ го попречил патот на автомобил „фолксваген голф 7“, со кој се превезувал оштетениот и уште едно лице.
„Двајцата осомничени излегле и се упатиле кон оштетените и ги нападнале физички, најпрво удирајќи ги со боксови. Во еден момент првиот осомничен извадил нож и му нанел повеќе убодни рани на оштетениот во стомакот, надлактицата и вратот, со што му предизвикал тешки телесни повреди. За тоа време вториот осомничен извикувал и го поттикнувал да го доврши делото“,
наведуваат од ОЈО Струга.
Еден од оштетените се обидел да ги оттргне и спречи, но првоосомничениот и врз него извршил насилство расекувајќи го со ножот по раката.
Обвинителството до Судот во Струга достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.