Деталниот увид во денешното соопштение од Обвинителството открива дека со проширувањето на истрагата нема ширење на опфатот на осомничени директори на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) во периодот од 2012 година до пожарот на 16 март годинава

Аднан Џаферовски, поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), е меѓу новоосомничените во истражната постапка за пожарот во Кочани во кој загинаа 61 лице, а околу 200 беа повредени, потврдува извор од истрагата.
Џаферовски, како кадар на СДСМ, раководеше со ДЗС од август 2017 година до ноември 2020 година, кога на чело на иституцијата застана Беким Максути (ДУИ), кој беше осомничен при отворањето на истрагата на 21 март.
Веќе објавивме дека со проширувањето на истрагата е опфатен и актуелниот министер без ресор Шабан Салиу, во својство на поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување.
„Постојат сомненија дека нивните незаконити дејствија и пропусти во континуитет довеле до тоа кабаре КЛУБ ПУЛС во Кочани од самиот почеток во подолг временски период, па се до настанување на пожарот, да продолжи да врши угостителска дејност без воопшто да исполнува законски услови за тоа и со нарушување на сите безбедносни правила по животот на лицата кои го посетувале објектот“,
соопшти попладнето Обвинителството информирајќи за проширување на истрагата со нови 19 лица.
Нема одговорност кај директорите на ДПИ?
Деталниот увид во денешното соопштение од Обвинителството открива дека со проширувањето на истрагата нема ширење на опфатот на осомничени директори на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) во периодот од 2012 година до пожарот на 16 март годинава.
Во соопштението се наведува дека проширувањето се однесува само на „инспектори од Државниот пазарен инспекторат“.
Извор упатен во текот на истрагата за „360 степени“ вели дека во теоријата на случај тешко може да се извлече причинско-последична врска на одговорност кај директорите на ДПИ поради непосредната надлежност што ја имаат и имале локалните инспектори на ДПИ. Спротивно на ова, надлежностите кај Министерството за економија и кај Дирекцијата за заштита и спасување се на централно ниво, па оттука и опфаќањето на министрите за економија (освен актуелниот Бесар Дурмиши) и на директорите на ДЗС во периодот од 2012 г. до 16 март годинава.
Овој пристап во истрагата би можел да значи запирање на постапката за ексдиректорите на ДПИ, Анета Симеска-Димоска и Горан Трајковски, кои беа осомничени на 21 март. За сигнал дека Обвинителството би можело да донесе ваква одлука се смета и вчерашниот предлог мерката притвор на Трајковски да му се замени со куќен притвор. Симеска-Димоска од отворањето на истрагата е во куќен притвор.
Повеќе информации за досегашниот тек на истрагата и одговор на дел од дилемите што се отвораат во јавноста се очекуваат од прес-конференцијата на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најавена за утре напладне.