За време на увидот, пронајдени се нож и метална шипка, а обвинителството работи на утврдување дали биле користени во инцидентот

Основното јавно обвинителство во Струга поведе истрага против 34-годишен жител на струшко Велешта, кој е осомничен за три кривични дела – неовластено изработување, држење и тргување со оружје, предизвикување општа опасност и напад врз службено лице.
Настанот се случил на 16 септември, кога осомничениот, по расправија со три лица од Дебар, извадил пиштол што го поседувал без дозвола и испукал неколку куршуми кон еден од нив, нанесувајќи му две лесни повреди на нозете. По инцидентот, тој се обидел да избега со возило.
При бегството, не ја послушал наредбата на полициски службеник да застане, и движејќи се наназад со автомобилот, го удрил полицаецот, нанесувајќи му телесна повреда.
За време на увидот, пронајдени се нож и метална шипка, а обвинителството работи на утврдување дали биле користени во инцидентот.
Јавниот обвинител побарал од судот да му се одреди притвор на осомничениот.