Во описот од Обвинителството се вели дека првиот осомничен, 21-годишник, управувал возило „фолксваген голф“ без да поседува возачка дозвола и со брзина која не била прилагодена на состојбата на патот

Основното јавно обвинителство Охрид спроведува истражна постапка против две лица во врска со синоќешната сообраќајна несреќа на булеварот „Туристичка“ во Охрид во која едно лице го загуби животот, а уште едно беше тешко повредено. За овие две лица, венејќи дека се исполнети законските основи, јавниот обвинител предложил и определување мерка притвор.
Во описот од Обвинителството се вели дека првиот осомничен, 21-годишник, управувал возило „фолксваген голф“ без да поседува возачка дозвола и со брзина која не била прилагодена на состојбата на патот.
Поради тоа, додаваат од Обвинителството, 21-годишникот изгубил контрола над возилото, навлегол на кружниот тек преминувајќи преку средишниот остров, возел надвор од коловозот и удрил во метален столб – канделабра на тротоарот. Потоа продолжил да се движи по тротоарот каде налетал на двајца пешаци и конечно удрил во бетонска ограда.
Според Обвинителството, во несреќата била удрена жената Александра Божиноска која починала на самото место, додека кај другиот пешак биле предизвикани тешки телесни повреди.
Освен за 21-годишникот, од Обвинителството велат дека истрага е поведена и за сопатникот во „фолксваген голф“, кој имал 18 години и бил сопственик на автомобилот.
„Иако бил свесен дека поради неговото постапување може да настапи штетна последица, односно дека неговиот другар не поседува возачка дозвола и може тешко да ја загрози безбедноста на сообраќајот и да го доведе во опасност животот на луѓето, вториот осомничен му го дал возилото во негова сопственост да го управува“,
објаснуваат од Основното јавно обвинителство Охрид.
За синоќешната сообраќајна несреќа денеска од Министерството за внатрешни работи рекоа дека се случила околу 22 часот.
Од МВР рекоа дека жената била прегазена откако во неа удрил автомобил „фолксваген голф“ со охридски регистарски таблички кој бил управуван од 22-годишник И.С. од село Пашино Рувци, Прилепско, кој престојувал во Охрид. Тој со автомобилот удрил во метален столб, а потоа во пешаците на тротоарот – А.Б. (44) од Охрид и Д.П. (52) од Скопје.
Од полицијата рекоа и дека возачот на автомобилот и сопатникот се здобиле со телесни повреди, констатирани во болницата „Св. Еразмо“ и во Општата болница Охрид.