За петмина осомничени ќе се поднесе предлог за мерка притвор, а за осум лица предлог за мерки на претпазливост
Поведена е истражна постапка против 11 лица, од кои седуммина се полициски службеници, што за пари издавале дозволи за привремен престој на турски студенти, информираат од Обвинителството.
Истрагата следува по денешните извршени претреси на 15 локации во Скопје, Штип и на граничниот премин „Долно Блаце“, при што се приведени 11 лица, а две се недостапни за органите на прогонот.

„За три лица постои основано сомнение дека сториле продолжено кривично дело примање награда за противзаконито влијание, две лица сториле продолжено кривично дело примање поткуп, додека на петмина им се става на товар дека сториле по едно кривично дело давање поткуп. На едно лице дека ја злоупотребило својата службена положба и овластување и сторило кривично дело употреба на исправа со невистинита содржина, едно лице сторило кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување и едно лице сторило кривично дело фалсификување исправа“,
се вели во соопштението од Обвинителството.
Осомничените од јануари до април годинава во Штип, со искористување на своето претпоставено влијание врз осомничените полициски службеници од ГП „Блаце“ и инспектори од Секторот за странци во Штип, со кои имале претходно воспоставени пријателски односи, во најмалку четири наврати им овозможиле на најмалку пет странски државјани кои незаконски престојувале во државата непречено да го регулираат својот престој.
„Осомничените за определена награда посредувале и преземале дејствија со цел турските државјани, чиј рок за одобрен престој заради студирање им бил истечен, да се стекнат со дозвола за одобрен привремен престој во РСМ. Осомничените полициски службеници прифаќајќи го влијанието од посредниците, со намера да прибават за себе имотна корист, ги пречекориле границите на своите службени овластувања и не ја извршиле својата службена должност“,
информира Обвинителството.
Незаконскиот престој согласно одредбите од Законот за странци е прекршок за кој е предвидена прекршочна санкција – глоба во износ од 50 до 250 евра во денарска противвредност, осомничените го оштетиле и Буџетот на државата.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ќе поднесе предлог за определување на мерката притвор за петмина осомничени, додека за осум лица предлог за определување мерки на претпазливост.