Според официјалната „визит-карта“ што ја дистрибуира „Продолжуваме со промените“, потенцијалната министерка за надворешни работи на Бугарија дипломирала современа историја на софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“, а подоцна студирала на Воената академија „Георги С. Раковски“. Таа никогаш не била вклучена во надворешнополитичката сфера и јавно не изнесувала ставови за бугарската надворешна политика
Нема сигнали за промена на досегашната бугарска политика кон Северна Македонија, а на 1 јануари започнува француското претседателство со ЕУ, при што најверојатно претседателот Емануел Макрон ќе биде внимателен до претседателските избори во април, анализира бугарски „Дневник“. Ова последното може да биде добро за надворешната политика на Бугарија во овој спор, бидејќи ќе се види дали има алтернативи за промена, дали ќе проработат билатералните комисии и што мисли за тоа новата влада во Берлин, која ја презеде функцијата оваа недела
Номинацијата на Теодора Генчовска за министерка за надворешни работи од редовите на партијата на Слави Трифонов – „Има таков народ“, е трет обид за нејзино вклучување во бугарската влада за помалку од половина година, анализира бугарски „Дневник“.
Таа беше кандидат и во двата предлог-кабинета на партијата на Трифонов – првиот, изненадувачки објавен ден по парламентарните избори на 11 јули 2021 година со премиер Николај Василев и вториот, најавен неполн час пред средбата со претседателот Румен Радев со премиер Пламен Николов. Во двата случаи, Генчовска беше предложена за министерка за одбрана.
Сега нејзиното име се појави како потенцијален шеф на бугарската дипломатија. Претходно, неколку недели се зборуваше дека на таа функција ќе бидат Даниел Лорер од „Продолжуваме со промените“ или Димитар Гардев од „Има таквов народ“. За Гардев имаше демантирање на факти што ги навел во официјалната биографија, па овој пат партијата на Трифонов, очигледно, реши да не ризикува по искуството со некои кандидати од летото.
Генчовска пред еден месец учествуваше во емисија на телевизијата „7/8“ (типичен начин партијата на Трифонов да ги претстави своите кадри), но во улога на „експерт за одбрана и вооружени сили“. „Со задоволство би се приклучила во армијата за да стекнам воено искуство“, рече таа. Потоа, зборуваше за поддршка на воено-патриотското образование и привлекување резервни офицери.
Таа никогаш не била вклучена во надворешнополитичката сфера и јавно не изнесувала ставови за бугарската надворешна политика. Не беше дел ниту од тимот на „Има таков народ“ на јавните консултации на кои се разговараше за надворешната политика на евентуалната владина коалиција, каде водечка улога имаше Димитар Гардев. Генчовска учествуваше на разговорите за национална безбедност, на кои се дискутираше за прашања од одбраната.
„Странец“ во бугарското МНР
Генчовска ќе ја преземе министерската функција како целосен странец во структурите на Министерството за надворешни работи. Од друга страна, пак, ова може да биде плус доколку новата влада се впушти во реформа на Министерството за надворешни работи – структурна и кадровска – што одамна и требаше.
Според официјалната „визит-карта“ што ја дистрибуира „Продолжуваме со промените“, Генчовска дипломирала современа историја на софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“, а подоцна студирала на Воената академија „Георги С. Раковски“. Поминала голем број дополнителни обуки: курсеви за политики и планирање на Школата на НАТО во Германија; стратешки модул на НАТО-колеџот во Рим, Италија; обука за меѓународни односи на воена академија во Велика Британија. Посетувала стратешки курс по воена дипломатија во воена база во САД, пишува во нејзината биографија.
Израснала во Генералштабот на Армијата и станала началник на секторот за НАТО и ЕУ во Министерството за одбрана.
Се чини дека добро го разбира обемот на одговорностите на одделните министерства; капацитет, позиција и оценки за Бугарија во странство; како функционираат структурите на НАТО и ЕУ; важноста на проблемот со имотот на едно министерство; колку е важна модернизацијата и меѓусебното поврзување на системите во една администрација.
Доколку биде избрана, ќе и треба време да се зафати со работа и да изгради тим (и да дознае точно кои ќе бидат претставниците на другите партии во министерството, како што е предвидено во коалицискиот договор). Ова може да биде проблем со динамиката на меѓународната сцена и притисокот да се донесат важни одлуки во бугарската политика и во име на Бугарија, во европската политика.
Плусови и минуси
Одмрзнувањето на преговорите во ЕУ со Северна Македонија тешко дека ќе биде меѓу нив, бидејќи нема сигнали за промена на досегашната бугарска политика, а на 1 јануари започнува француското претседателство со ЕУ, при што најверојатно претседателот Емануел Макрон ќе биде внимателен до претседателските избори во април, анализира „Дневник“. Ова последното може да биде добро за надворешната политика на Бугарија во овој спор, бидејќи ќе се види дали има алтернативи за промена, дали ќе проработат билатералните комисии и што мисли за тоа новата влада во Берлин, која ја презеде функцијата оваа недела.
Може да биде плус што министер за надворешни работи ќе стане експерт за одбрана во време кога Русија е особено активна со притисок за фундаментална промена во архитектурата на европската и трансатлантската безбедност и агресивен притисок врз Украина.
Генчовска беше кандидатка за пратеник од Пловдив, каде „Има таквов народ“ во ноември собра нешто повеќе од 10% и таа не стана пратеник.
Генчовска беше меѓу главните експерти во администрацијата на претседателот Румен Радев, но беше ослободена на почетокот на август без официјално образложение. Во кабинетот на Радев учествуваше во организацијата на самитот на „Три мориња“ во Софија на 8-9 јули 2021 година.