„Македонците ќе немаат основа за чествување на Гоце Делчев доколку тој биде изучуван како Бугарин“, смета членот на заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања, Петар Тодоров. Според него, Комисија и натаму нема решение за една од најзначајните личности од историјата.

„Од наша страна, неколку пати укажуваме дека решението за Гоце Делчев треба да биде во насока на тоа зошто оваа историска личност е значајна и за македонското и за бугарското општество и тоа да биде основа за заедничко чествување. Бидејќи, ако тој бил Бугарин, не гледам причина зошто ние, македонските граѓани би имале основа да го чествуваме“,
смета Тодоров.
Поставувањето датуми за решавање на ова прашање е контрапродуктивно, вели Тодоров одговарајќи на барањето на бугарскиот премиер Бојко Борисов Комисијата да го реши ова прашање до октомври, кога се отвора можноста земјава да ги започне пристапните преговори за членство во Европската Унија. Според историчарот Тодоров, на Комисијата не треба да и се поставуваат рокови, бидејќи избрзани решенија би можеле да бидат спротивни на духот на Договорот за добрососедство.
„На овој свет мора само да се умре, а дали ќе донесеме решение до октомври ќе покаже времето. Најдобро е политичарите да не прават такви притисоци и да не ставаат рокови бидејќи тоа е само контрапродуктивно за самата дискусија, бидејќи во тие услови историчарите од двете страни работат под притисок дека мора да се постигне нешто и тогаш постои голем ризик да се донесат лоши и неквалитетни решенија, кои можат да бидат контрапродуктивни“,
порачува Тодоров.
Надворешниот член на оваа Комисија, Љубица Спасковска инаку доцент на Универзитетот во Ексетер во Велика Британија, во својата анализа објавена на порталот „Республика“ порачува дека Комисијата „треба да е на висина на најновите научни методи и да го искористи своето знаење и искуство засекогаш да ја ослободи балканската наука и јавност од лажниот антагонизам и ретроспективниот национализам“.
Таа смета дека во учебниците треба да имаме повеќе светска, а помалку национална, односно националистичка историја.

„Нашите бугарски колеги генерално го отфрлаат конструктивистичкиот пристап од теориите на национализмот и го застапуваат примордијалистичкото гледиште дека и на територијата на Македонија во континуитет со векови постои есенцијален, бугарски културен идентитет коj, според нив, модерната македонска држава настојува да го избрише… Балканската историја е долга приказна на испреплетеност, повеќеслојни идентитети, „етничка осмоза“ и не е само историја на војни, освојувачи и битки, романтизирани претстави за минатото и докажување која/чија нација е постара. Во учебниците треба да имаме повеќе, ако не и во најголем дел – општествена и културна историја, историја на наука и медицина, повеќе светска, а помалку национална, односно националистичка историја“,
пишува Спасковска.
Владите на С. Македонија и на Бугарија веќе ги усвоија препораките на Комисијата за заедничко чествување на Цар Самоил, браќата Кирил и Методиј, Свети Климент и Свети Наум. Историчарите од двете земји изготвуваат препораки за подобрување на некои од учебниците по историја во двата обазовни системи.