Метеоролозите најавуваат дека најстудената ноќ ќе биде утревечер, а студот ќе продолжи и в понеделник, кога се очекуваат температури и до минус 15 Целзиусови степени
Обилните снежни врнежи, кои траат веќе три дена во Истанбул, денеска се причина за затворање на бродскиот сообраќај на Босфор. Сообраќајот, според Генералната дирекција за крајбрежна безбедност при турското Министерство за транспорт и инфраструктура, е затворен во двата правци.
Поради обилните снежни врнежи во Истанбул, „Туркиш ерлајнс“ соопшти дека некои летови од и до аеродромот во Истанбул планирани за утре се откажани.
Во објавата споделена на профилот на социјалните мрежи на авиокомпанијата се вели дека патниците што имаат билети можат преку разговор со асистенти во компанијата да добијат детални информации за промена на билетите или за враќање на парите.
Турските власти, како што пренесува „Хуријет“, најавиле дека в понеделник училиштата во Истанбул ќе бидат затворени поради екстремно ниските температури и очекуваните тешкотии со транспортот на учениците.
Од синоќа на полноќ градските власти воведоа забрана за движење на мотоциклисти и курирски служби во Истанбул, која попладнево е укината.
Метеоролозите најавуваат дека најстудената ноќ ќе биде утревечер, а студот ќе продолжи и в понеделник, кога се очекуваат температури и до минус 15 Целзиусови степени.