Главната дистинкција меѓу двете држави е направена во условите за одржување на првите меѓувладини конференции: за Северна Македонија тоа е безусловно и треба да се случи „што е можно побрзо“, а за Албанија зависи од исполнување серија задачи наведени во заклучоците од Советот на ЕУ
Очекувањата се дека првата меѓувладина конференција за земјава може да се случи во јуни, во зависност од развојот на настаните со коронавирусот
Министрите за европски прашања на земјите членки на ЕУ денеска донесоа политичка одлука за отворање пристапни преговори со Северна Македонија и со Албанија, но заклучоците за двете држави, кои во писмена процедура треба и формално да се одобрат, се суштински различни.
Разликата пред сè се однесува на условите за закажување и одржување на првата меѓувладина конференција (МВК), со која треба и формално да започне преговарачкиот процес. За земјава, не се наведени никакви дополнителни услови за одржување на првата МВК, додека за Албанија тоа е условено со завршување серија задачи.
„360 степени“ дојде до нацрт-заклучоците и пренесуваме делови од нив во оригинална форма.
Ова е суштинскиот дел од заклучоците за Северна Македонија, од кој се гледа дека Советот вели дека првата меѓувладина конференција треба да се одржи „што е можно побрзо по усвојувањето на преговарачката рамка од Советот“. Очекувањата се дека тоа може да се случи во јуни, во зависност од развојот на настаните со коронавирусот.

Во заклучоците за Албанија пишува дека „пред првата меѓувладина конференција, Албанија треба…“ и се наведени низа задачи што треба да ги заврши земјата за тоа да се случи. Советот на ЕУ дава јасни насоки и што треба да содржи преговарачката рамка за Албанија.

Овој пристап е компромисно решение со кое, од една страна, се задоволува инсистирањето на некои земји членки на ЕУ да нема одвојување на Северна Македонија и Албанија, а од друга, им се излегува во пресрет на ставовите на Холандија и Данска кои сметаа(т) дека Тирана сè уште не е подготвена за суштинско отворање на процесот.