„Тој (Трамп) сака САД да го добијат Гренланд и смета дека е најдобро за нашата национална безбедност да го сториме тоа“, изјави денеска портпаролката на Белата куќа
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, денеска на прес-конференција изјави дека испраќањето европски трупи на Гренланд нема да влијае на напорите на американскиот претседател, Доналд Трамп за присвојување на на данската автономна територија.

„Не мислам дека војниците од Европа влијаат врз процесот на донесување одлуки на претседателот, ниту пак влијаат на неговата цел за стекнување на Гренланд“,
рече Ливит, нагласувајќи го ставот на Трамп, пренесе Си-ен-ен.
Коментарите на портпаролката на Белата куќа доаѓаат по вчерашниот состанок меѓу потпретседателот на САД Џеј-Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио со данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен и неговата колешка од Гренланд, Вивијан Мотцфелд.
Оценувајќи ја средбата како придуктивна, Левит кажа дека делегациите на состанокот се согласиле да формираат работна група која ќе продолжи со „водење на технички разговори за аквизација на Гренланд“, додавајќи дека разговорите ќе се одржуваат на секои две до три недели.
Според неа, Белата куќа, исто така, јасно ставила до знаење дека претседателот Трамп го смета стекнувањето на Гренланд за приоритет за националната безбедност на Соединетите Држави.
„Тој сака САД да го добијат Гренланд и смета дека е најдобро за нашата национална безбедност да го сториме тоа“,
рече Левит.
Инаку, Данска, која е одговорна за одбраната на Гренланд, предупреди дека нападот врз територијата веројатно ќе значи крај на НАТО, бидејќи и Данска и САД се дел од обранбената алијанса. Данската влада вчера објави дека го проширува своето воено присуство на Гренланд во координација со дел од сојузниците во НАТО.
Германија, Шведска, Франција, Норвешка и Финска потврдија дека ќе испратат воен персонал на островот оваа недела за да учествуваат во, како што наведоа, заеднички вежби со Данска.
Дел од малубројните трупи, како што пренесоа вечерва светските медиуми, веќе пристигнале на островот. Како што објави Би-би-си, повикувајќи се на официјални лица, станува збор за мал француски воен контингент кој пристигнал во главниот град на Гренланд, Нуук, додека во нраедните денови се очекува распоредувањето на, исто така, мал број војници и од другите држави кои најави учество во таканаречената извидувачка мисија.
Вчера данскиот министер за надворешни работи Ларс Леке Расмусен рече дека неговата земја и САД остануваат на фундаментално различни позиции кога станува збор за прашањето за Гренланд, но потврди дека разговорите меѓу двете страни ќе продолжат.
Доналд Трамп во последните недели постојано повторува дека Гренланд, поради својата стратешка локација и богатството на минерални ресурси, е клучен за безбедноста на Соединетите Американски Држави. Тој тврди дека Вашингтон мора да има контрола врз островот за да ја спречи Русија или Кина да го прошири своето влијание таму. Во исто време тој рече дека сите опции се на маса, што предизвика сериозни превирања и загриженост во рамките на НАТО.
