Управата за јавни приходи ги достави налозите за повратот на ДДВ на граѓаните од мерката „Викенд без ДДВ“, а исплатата ќе се врши од утре.
На сметките на оние што скенираат фискални сметки и направиле промет во „Викендот без ДДВ“ ќе легнат над 66 милиони денари.
Од Управата за јавни приходи за МИА информираат дека парите на граѓаните ќе бидат вратени за два дена, односно повратот од ДДВ ќе го добијат во утре или задутре на своите сметки.
Мерката „Викенд без ДДВ“ е дел од четвртиот сет антикризни мерки кои се во вредност од 470 милиони евра, а целта да се придонесе за намалување на ефектите од ковид-кризата и да се поддржат граѓаните и стопанството. Се реализираше на 10, 11 и 12 октомври 2020 година и предвидуваше поврат на целиот износ на платениот ДДВ за купени македонски производи и услуги, како и компјутерска опрема.
Во трите дена 204 088 граѓани купиле македонски производи или услуги и компјутерска опрема и беа скенирани трипати повеќе фискални сметки, а остварениот промет беше за 9,5 пати поголем во однос на истиот викенд лани.
Во „Викендот без ДДВ“ е остварен промет од 558 176 715 денари, со што граѓаните ќе остварат враќање на ДДВ во износ од 66 853 929 денари.

Во „Викендот без ДДВ“ беа скенирани трипати повеќе фискални сметки и беше остварен 9,5 пати поголем промет од македонски производи во однос на истиот викенд од минатата година.
По исплатата на повратот од „Викендот без ДДВ“, Управата за јавни приходи ќе ја почне обработката на налозите за повратот од „Мој ДДВ“ за третото тримесечје, по што ќе започне и исплатата на тие средства на граѓаните.
По оваа основа кај граѓаните на сметките ќе бидат префрлени речиси 430 милиони денари.
Во текот на третото тримесечје, односно во јули, август и септември 2020, според податоците на Управата за јавни приходи, е остварен промет од 29,8 милијарди денари, од кои прометот од македонски производи изнесува 7,8 милијарди денари, а прометот од останати производи изнесува 21,9 милијарди денари. На граѓаните за ова тримесечје ќе им се врати, односно исплати околу 430 милиони денари, како дел од ДДВ што го оствариле граѓаните од скенирани фискални сметки во јули, август и септември 2020 година.
Преку „Мој ДДВ“ за скенираните фискални сметки на граѓаните им се врши поврат од 20 отсто за платениот ДДВ за македонски производи и услуги и 10 отсто за останатите добра и услуги.
Од УЈП наведуваат дека трговците и давателите на услуги се должни да ги означат одделат правилно македонските добра и услуги од останатите добра и услуги во фискалните апарати, а издадената фискална сметка задолжително да го искажува прометот од сите македонски производи и услуги.
