Високиот исламски академски совет ќе одлучува дали жените во Авганистан имаат право да работат и да се образoваат, како и за тоа како ќе се облекуваат
За време на нивното владеење од 1996 до 2001 година, талибанците ги спречуваа жените да работат, а на девојчињата не им беше дозволено да одат на училиште
За улогата на жените во Авганистан, вклучително и за нивното право на работа и образование и начинот на облекување, ќе одлучува Високиот исламски академски совет, изјави високиот талибански лидер Вахедулах Хашими.
Тој за Ројтерс додаде дека членовите на Советот, исто така, ќе одлучуваат дали на девојчињата ќе им биде дозволено да одат на училиште, пренесува Ал џезира.
„Тие ќе одлучат дали жените треба да носат хиџаб, бурка, само превез или нешто слично“,
рече Хашими, пренесе Танјуг.
Наведувајќи дека населението во Авганистан е 99,99 проценти муслиманско и дека верува во ислам, Хашими вели:
„Кога верувате во законите, тие дефинитивно треба да се применуваат. Имаме совет и тој ќе одлучи што ќе правиме“.
Хашими додаде дека ниту талибанците не очекувале да влезат во Кабул и дека откако претседателот Ашраф Гани избегал од земјата немало кој да се спротивстави и затоа влегле и го окупирале градот.
Примери од минатото
Главниот портпарол на талибанците, Забиула Муџахид, на прес-конференција во Кабул во вторникот рече дека на жените ќе им биде дозволено да работат и да учат и дека „ќе бидат многу активни во општеството“.
За време на нивното владеење од 1996 до 2001 година, талибанците ги спречуваа жените да работат, а на девојчињата не им беше дозволено да одат на училиште.
Жените мораа да носат бурки во јавност и им беше дозволено да ја напуштат куќата само во придружба на маж.
Жените што ги прекршуваа правилата понекогаш трпеа понижување и јавно беа тепани од талибанската верска полиција.