Според обвинителката Бојчевиќ, денешното сведочење на Јовановски, во кое тој тврдеше дека му била подметнувана дрога и дека бил жртва на уцени, е целосно спротивно на изведените материјални докази

Исказот на обвинетиот Стојанче Јовановски е обид за манипулација со цел тој да се прикаже како жртва и да ја избегне одговорноста за смртта на неговите сопруга и ќерка, изјави обвинителката Адела Бојчевиќ по завршувањето на денешното рочиште во Основниот кривичен суд.
Според обвинителката Бојчевиќ, денешното сведочење на Јовановски, во кое тој тврдеше дека му била подметнувана дрога и дека бил жртва на уцени, е целосно спротивно на изведените материјални докази. Таа се повика на наодите од стручните лица кои го анализирале профилот на обвинетиот и за кои рече дека ќе бидат детално елаборирани во завршниот збор.
„Доказите, особено психолошкото вештачење и мислењето на вештите лица, укажуваат на личносни карактеристики кај обвинетиот како изразена манипулативност и тенденција кон искривување на вистината во насока на самозаштита. Тој се обидува да ја префрли одговорноста на други лица и да го минимизира сопственото однесување“,
истакна Бојчевиќ.
Обвинителката ги отфрли тврдењата на одбраната дека во телефонот на обвинетиот постојат докази за закани од страна на Мартин Саздов.
Анализата на електронската комуникација, рече таа, не дала никакви сознанија кои би ги потврдиле наводите на Јовановски.
Обвинителството нема информации дека Саздов ја удирал починатата Ивана, ниту на критичниот ден, ниту претходно.
„Во однос на тврдењата дека Мартин ја удирал Ивана, ние немаме такви сознанија, ниту за критичниот ден, ниту претходно. Доказите со кои располагаме, особено оние што произлегуваат од електронската комуникација, детално ќе ги елаборирам во завршниот збор. Во оваа фаза не би можела однапред да коментирам“,
додаде Бојчевиќ.
За евентуално претходно пријавени случаи, додаде, постојат надлежни органи кои постапуваат, но нагласи дека не може да коментира надвор од предметот на обвинение.
„Од друга страна, ако нешто претходно било пријавувано, постојат надлежни органи кои постапуваат по тоа, како и за секој друг случај. И за случајот што го спомнува другата страна, исто така постојат надлежни органи кои постапуваат. Јас не би можела да коментирам ништо надвор од она што е предмет на обвинение и што се работи во овој предмет“,
рече обвинителката.
Денешниот исказ на обвинетиот таа го оцени како обид да не биде прикажан како сторител, туку како жртва во настанот.
„Целиот исказ го гледам само како обид обвинетиот да се прикаже не како сторител, туку како жртва во целиот настан. Тоа е мојата целосна слика, а доказите што ги имаме одат во прилог на таквиот заклучок“,
додаде Бојчевиќ.
