Воведувањето на овој закон, како што велат од здружението, е само првиот чекор во борбата со пластичното загадување
Поддршка за новата одлука за зголемување на цената на кесите во продажните места изразија од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ по повод Законот за управување со пакување и отпад од пакување кој од денес стапи на сила. Освен тоа упатија апели до трговците за стимулирање на купувачите за користење на хартиени кеси или торби за повеќекратна употреба.
„Ја поддржуваме одлуката да се преземат мерки за да се намали употребата на пластични кеси и очекуваме со правилно спроведување таа да има позитивно влијание врз намалувањето на отпад од пластика и микропластика. Исто така, со ваквата одлука, очекуваме да се овозможи и понатамошен развој на циркуларната економија, со што ќе се стимулира селекција на отпад кога ќе се создаде соодветна инфраструктура за тоа“,
истакна Ана Чоловиќ-Лешоска, извршна директорка на „Еко-свест“.
Воведувањето на овој закон, како што велат од здружението, е само првиот чекор во борбата со пластичното загадување и очекуваат дека во иднина ќе се регулира и забрани употребата на останатите пластични производи за еднократна употреба како цевки, чаши или прибор за јадење.
Од здружението сметаат дека доколку Македонија има аспирации за членување во Европската Унија тогаш ќе мора да ги спроведува европските директиви и стандарди во однос на справување со пластичен отпад.