Интервенцијата била на булеварот Александар Македонски, улиците Радишанска, Индира Ганди, Коце Металец, како и Христо Татарчев на последна автобуска постојка на број „24“

Седум специјални возила во текот на ноќта фрлиле 45 тони индустриска сол на сите булевари и критични точки во градот, информираат од јавното претпријатие „Улици и патишта“.
Интервенцијата била на булеварот Александар Македонски, улиците Радишанска, Индира Ганди, Коце Металец, како и Христо Татарчев на последна автобуска постојка на број „24“.
Од „Улици и патишта“ велат дека за оваа зимска сезона имаат обезбедено околу 3 500 тони индустриска сол, од кои околу 1 000 тони се резерва од минатата зимска служба.
Исто така, обезбедени биле и 200 тони ладна асфалтна маса за санација на оштетените сообраќајни површини.
Од претпријатието велат дека кoловозните ленти при одржувањето во зимски услови ќе се расчистуваат според приоритети, како што се критичните точки, пристапите до објектите од витално значење за граѓаните и сообраќајниците од посебно значење за функционирање на сообраќајот.
„Со Програмата се предвидени обемот, динамиката и нивото на одржување на улиците, со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот на градските сообраќајници во зимски услови“,
се вели во соопштението од „Улици и патишта“.
Од кризниот штаб упатуваат апел до граѓаните, урбаните заедници, куќните совети и претпријатијата, навреме да преземаат мерки за отстранување на возилата од коловозите, расчистување на пешачките приоди, приодите до објектите и покривите на објектите.
Во спротивно, додаваат од „Улици и патишта“, полицијата и комуналните инспектори, врз основа на Законот за јавна чистота ќе изрекуваат казни.


