Интерфакс објави дека авионот исчезнал за време на вториот обид за слетување, откако првиот пристап до аеродромот во Тинда не успеал, објавува „Индепендент“
Контролорите на летање денеска изгубија контакт со патничкиот авион Ан-24 со околу 50 лица на рускиот Далечен Исток, а потрагата е во тек, изјави регионалниот гувернер.
Локалното министерство за вонредни ситуации соопшти дека авионот, управуван од сибирската авиокомпанија „Ангара“, исчезнал од радарот кога се приближувал кон својата дестинација, градот Тинда во регионот Амур, кој граничи со Кина, објави Ројтерс.

Регионалниот гувернер Василиј Орлов изјави дека прелиминарните податоци покажуваат оти во авионот имало 43 патници, меѓу кои пет деца, и шест членови на екипажот.
Интерфакс објави дека авионот исчезнал за време на вториот обид за слетување, откако првиот пристап до аеродромот во Тинда не успеал, објавува „Индепендент“.
„Авионот Ан-24 на ‘Ангара ерлајнс’ не успеал да воспостави контакт на одредената точка на неколку километри од аеродромот Тинда“.
изјавил извор цитиран од новинската агенција ТАСС.
Според локалните медиуми, остатоци од авионот се пронајдени на 15 километри од градот Тинда, но оваа информација сè уште не е официјално потврдена.
Градот Тинда се наоѓа приближно 6 600 километри источно од Москва.