Исчезнувањето на Ли следи по серијата необјаснети кадровски промени што го потресоа врвот на владејачката Комунистичка партија во Кина ова лето, вклучително и смената на поранешниот министер за надворешни работи Чин Ганг во јули
Кина одби да коментира каде се наоѓа нејзиниот министер за одбрана, и покрај с поголемиот број прашања за неговата судбина еден месец откако тој последен пат беше виден во јавноста. Портпаролот на Министерството за одбрана Ву Чиан рече дека не е запознат со ситуацијата на прашањето дали министерот Ли Шангфу е под истрага.
Исчезнувањето на Ли следи по серијата необјаснети кадровски промени што го потресоа врвот на владејачката Комунистичка партија во Кина ова лето, вклучително и смената на поранешниот министер за надворешни работи Чин Ганг во јули. Пекинг, исто така, најави отстранување на двајца генерали на чело на Ракетните сили на Народноослободителната армија, воениот огранок што го надгледува арсеналот на нацијата на нуклеарни и балистички ракети.
Службениците често исчезнуваа во минатото
Запрашан од Си-ен-ен како отсуството на Ли и смената на двајцата генерали влијаеле на операциите, Ву повтори дека ќе го истражи секој случај и ќе го собори секој корумпиран функционер. Исчезнувањето на двајца истакнати министри покрена прашања за владеењето на лидерот Си Ѓинпинг, кој го направи кинескиот политички состав уште понетранспарентеен бидејќи ја концентрира моќта и спроведува строга партиска дисциплина.
Високи кинески функционери во минатото исчезнуваа од очите на јавноста, само за Комунистичката партија месеци подоцна да признае дека биле приведени поради истрага. Ваквите ненадејни исчезнувања станаа редовна карактеристика на антикорупциската кампања на Си, а недостигот на информации не е невообичаен во политичкиот систем на Кина.
„Волстрит џурнал“ претходно овој месец објави дека властите го привеле Ли на сослушување во септември цитирајќи лице блиско до одлучувањето во Пекинг. „Фајненшл тајмс“ објави дека американската влада верува дека министерот за одбрана е под истрага цитирајќи американски официјални претставници.
Воената комисија извести за корупција
Ниту еден извештај не даде причина за истрагата. Ли, кој беше санкциониран од САД во 2018 година поради купувањето руско оружје од Кина, сè уште е наведен како министер за одбрана на Кина, еден од петмината државни советници и член на моќната Централна воена комисија на партијата (ЦУК).
Кон крајот на јули, Одделот за развој на опрема на ЦУК издаде известување повикувајќи се на информации од јавен карактер за коруптивни практики на набавки кои датираат од 2017 година, што се совпаѓа со временскиот период кога Ли беше задолжен за набавките во одделот. Не е јасно дали се преземени или ќе бидат преземени дисциплински мерки против Ли.
Ниту Ли ниту Чин не беа прикажани на видеото од состанокот на Комунистичката партија на кој присуствуваа високи партиски функционери, што беше емитувано од државната телевизија ЦЦТВ во средата. Минатата недела „Волстрит џурнал“ објави дека истрагата на Комунистичката партија открила дека Чин имал вонбрачна врска додека бил претставник на Кина во Вашингтон.