Најмалку седум јавни здравствени институции во Македонија набавиле маски кои имале лажни и невалидини сертификати за квалитет и се под истрага на Европската канцеларија против измами ОЛАФ, објави Истражувачката репортерска мрежа (ИРЛ). Маските биле кинески, а институциите ги набавиле на тендер. Трите македонски компании кои ги увезле, купиле и продале спорните маски од типот КН95 се „Д-р Пановски“, „Систина Фармација“ и „КМ Маријан“. Агенцијата за лекови МАЛМЕД не вршела проверки на квалитетот на увезената заштитна опрема затоа што немала таква надлежност, но тие сепак им издавале одобренија за увоз
Пандемијата на вирусот ковид-19 ги начека неподготвени здравствените институции во светот, пишува Истражувачката репортерска мрежа (ИРЛ). Со недоволна резерва на средства за дезинфекција и лична заштитна опрема, владите беа во паника од каде да набават доволна количина на заштитни опрема за да можат да ги заштитат граѓаните и здравствените работници во своите држави.
Директорот на Здравствениот дом Скопје, Виктор Исјановски, раскажува дека не било лесно да се дојде до заштитна опрема.
„Најважно ми беше да најдам маски, особено за Првата помош чии што тимови се во првата брана на изложеност“,
изјавил Исјановски за ИРЛ.
Исјановски бил задоволен кога стигнала пратката од 1 000 маски со ознака КН95, златниот стандард за маска, која ги филтрира и најситните воздушни честички, меѓу кои и оние од коронавирусот. Маските пристигнале со сертификати со ознака CE – препознатлив симбол за европски квалитет и потврда дека производот ги исполнува европските стандарди за квалитет. Ги набавиле од „Систина фармација“.
Идентична била и ситуацијата во Здравствениот дом во Велес, во Ресен и во многу други установи. Речиси никој не барал сертификати за квалитет оти тие добивале документација од компаниите со одобренија за увоз од Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД.
Она што набавувачите не го знаеле е дека од МАЛМЕД, всушност, не правеле никакви проверки за квалитет, а и немале надлежност да издаваат одобренија за увоз за заштитна опрема, туку само за медицински материјали и лекови.
„Немав во што да се сомневам, маските имаа и одобрение за увоз од Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД. Ако од МАЛМЕД дале одобрение за увоз, ние им веруваме на МАЛМЕД“,
вели Исјановски во разговор со ИРЛ.
Истражувачката репортерска лабораторија заедно со партнерите од мрежата од Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција открива дека Европската канцеларија против измами води меѓународна истрага за вмешаните во бизнисот со заштитна опрема кои што ги фалсификувале или ги издавале овие сертификати.
Маските набавени од „Д-р Пановски“ АД, „Систина фармација“ и „КМ Марјан“ се набавени од пет различни кинески фирми и имале лажни или невалидни сертификати. Тие биле дистрибуирани во дузина европски земји. Во секоја од нив, оние што ги набавиле, верувале дека тие се веродостојни. Истрагата во моментов не ја опфаќа Македонија.
„Пановски“ и „Систина“ со лажни и невалидни сертификати, а меѓу посредниците и вмешани во аферата „Телеком“
Една од фирмите чии сертификати се предмет на истрага во ЕУ е италијанската компанија за сертифицирање „Ente Certificazione Macchine (ECM)“. Сертификтите на маските увезени од „КМ Марјан“ и „Д-р Пановски“ ги имаат овие сертификати. Италијанската компанија, која е основана во 1999 година, има дозвола за сертифицирање на индустриски машини, радиоопрема, лифтови и медицинска опрема, но не и дозвола за сертифицирање лична заштитна опрема.
Предупредување за ова дојде и од Американската агенција за храна и лекови, која ги предупреди институциите и граѓаните во Соединетите Американски Држави дека ЕЦМ не е овластено тело за издавање сертификати за лична заштитна опрема.

Репортерите на ОССРП успеаја да најдат докази дека иако оваа компанија во април годинава била официјално санкционирана од Италијанското акредитационо биро, продолжила со својата пракса да издава сертификати кои ги доведуваат во заблуда потрошувачите. За ова, имало и известување на веб страницата на Европската федерација за безбедност. Известувањата постојано се обновувале од ден на ден, со секој нов пронајден сертификат, а се чини дека македонските институции воопшто не ги следеле.
Дел од маските на „Д-р Пановски“ АД, како и оние на „КМ Марјан“, добиле невалиден сертификат од италијанската фирма која немала дозвола да ги издава. За нив не може да се тврди дали се квалитетни или не, туку само дека фирмата што ги сертифицирала немала таква надлежност.
„Маските стигнаа во нашата земја без никаков проблем и ги поминаа сите регулативи. Ние и самите ги користиме за заштита. Стоиме на располагање да го испитаме квалитетот на маските кои ги продаваме доколку ни посочите Вие, или која било институција, орган каде може да се направи контрола на квалитет. Доколку некако сме биле изманипулирани во некаков интернационален синџир, нашата компанија ќе преземе соодветни правни мерки“,
велат од КМ Марјан.
Целата сторија на ИРЛ можете да ја прочитате на линкот подолу: