Фирмата на братот на експремиерот и поранешен лидер на СДСМ, Зоран Заев, во бизнисот од кој профитирале десетина компании, влегла од втор план, односно била ангажирана од компанијата „Зобек мининг“ чиј сопственик е македонскиот државјанин Енис Колашинац и која имала добиено договор за набавка на јаглен за домашните енергетски капацитети со државната компанија ЕСМ
Поврзаноста на „Зобек мининг“ со опозициската партија СДСМ води и до сегашниот лидер Венко Филипче. Минатата година ИРЛ дојде до фотографија на возило „ауди“ кое за време на предизборната кампања го возеше Филипче, а се водеше на име на фирмата „Зобек мининг“. Колашинац за ИРЛ потврдил дека возилото било земено на лизинг за компанијата, но денес е во лична сопственост на Филипче
Девет милиони евра. Толкав бил делот од колачот што завршил кај бугарска фирма во сопственост на братот на поранешниот премиер Зоран Заев, бизнисменот Вице Заев од набавките на јаглен што државната компанија АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) ги склучила од 2022 до денес за да ги обезбеди домашните електрани со енергенси за стабилно производство на електрична енергија.

Ова го покажува новото истражување на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) објавено денеска по повеќе од три години водење правни битки за да дојдат до докуметите кои сведочат за тоа каде завршиле парите од милионските договори за набавка на јаглен.
Она што го откриле новинарите на ИРЛ е дека некои фирми добро профитирале од кризната состојба во енергетискиот сектор што во 2022 година ја погласи тогашната Влада. Ова значеше повеќе буџетски пари за државните компании за производство и транспрот на енергенси, како Електрани на Северна Македонија и Македонскиот електропреносен систем-оператор (МЕПСО).
Според истражувањето на ИРЛ, за оваа намена ЕСМ од 2022 до денес склучила договори со 11 фирми за набавка на околу 4,6 милиони тони јаглен, за што нетранспаретно биле протрошени 283 милиони евра. Од нив девет милиони евра во бугарска фирма на братот на експремиерот и поранешен лидер на СДСМ, Зоран Заев.
Според бројката, парите од бизнисот завршиле кај мал број фирми, а онаа на Вице Заев влегла од втор план.
Разлики во цените
Но, пред да расплетка кои фирми ги добивале договорите за набавките и која колку зела од колачот, ИРЛ ги открива спорните моменти во бизнисот, од кои како најбитни се издвојуваат два.
Едниот е нетраспратеност во процесот на доделување на договорите за јавни набавки со фирмите. И вториот, разликата меѓу набавните цени по кои компаниите го увезувале јагленот од странство и оние во договорите со државните енергетски компании.
Најголем дел од јагленот доаѓал од Грција, а дел и од Албанија. Помали количини било договорено да се увезат од Бугарија и Косово, a мал дел бил набавен и од македонски рудници.
Цената за РЕК „Битола“ варирала од најниски 45 евра за еден тон лигнит, до највисоки 88,5 евра. Таа се одредувала според енергијата што може да се произведе, а варирала од околу 450 денари до 599 денари за еден гигаџул.
Според увозните деклрации до кои дошле новинарите на ИРЛ, цените на увезениот јаглен од Грција биле поконкурентни отколку од Албанија. Освен набавната, во цената бил вклучен и трошокот за транспорт, па таа се движи од 45 евра за увезен еден тон лигнит од Грција во 2022 година, 41 евро за тон во 2023 г., до 39 евра во 2024 година.
Од Албанија, пак, каде што се смета дека има покалоричен односно поквалитетен лигнит, трошокот за транспорт е повисок поради поголемата оддалеченост, па просечната цена на еден тон била 47 евра во 2022 година, 54 евра во 2023 и 63 евра во 2024 година.
Тука, истражувањето доаѓа до фирмите што ги добивале договорите за набавка на јаглен.
„Зобек мининг“ на Енис Колашинац
Најскап договор за јаглен, по цена од 70 евра за еден тон без вкалкулиран ДДВ, државната компанија ЕСМ склучила со скопската компанија „Зобек мининг груп“. Оваа фирма, како што потсетуваат од ИРЛ, беше во фокусот на јавноста на почетокот на годинава, кога Управата за финансиска полиција го замрзна нејзиниот имот под сомнеж дека таму завршувале државни пари од тендери за инфраструктурно уредување што ги добивала од Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ДТИРЗ) додека нејзин директор беше Јован Деспотовски од СДСМ.
Сопственик на „Зобек мининг“ е македонскиот државјанин Енис Колашинац.
Договорот со компанијата на Колашинац бил склучен во септември 2023 година, првично за испорака на 200 илјади тони јаглен за РЕК „Битола“ во рок од една година. Со два анекса количината на испорака била зголемена, прво за 40 илјади тони, па за уште 48 илјади тони, до вкупно 288 илјади тони.

За таа цел компанијата „Зобек мининг“ склучила договор со грчката компанија „Лигниторихиа Ахлада“ која е концесионер на истоимениот рудник за ископ на јаглен, „Ахлада“, во регионот на Лерин, од каде што е набавена целата количина.
Според официјално соопштение од „Лигниторихиа Ахладас“ пратено до грчкото Министерство за енергетика, а до кое дошле од ИРЛ, од овој рудник во 2023 година во Македонија биле продадени 768 827 тони лигнит, по цена меѓу 28 и 30 евра по тон.
„Од увидот на договорите склучени со компанијата ’Лигниторихиа Ахладас’ се уверивме дека набавната цена варира од 30 евра за тон во 2023 година до 35 евра за тон годината потоа. Но, Колашинац објасни дека на оваа цена се додаваат и транспортни и логистички трошоци од уште околу 10 евра по тон. Дури и со тоа, сѐ уште имаше голема разлика до договорените 70 евра за тон со ЕСМ“,
се вели во истражувањето.
Според сопственикот на фирмата, разликата што „Зобек мининг“ ја остварила како профит од оваа набавка на јаглен изнесувала околу 3,2 евра по тон.
Во разговор со новинарите на ИРЛ, Колашинац открил дека морал да ангажира и друга компанија која, меѓу другото, требало да врши ископ на јаглен во грчкиот рудник.
Државни пари за јагленот завршиле во бугарската „Гомасидра“ на Вице Заев
По наводите на сопственикот на „Зобек мининг“ дека станува збор за бугарска фирма, излегло дека станува збор за компанијата „Гомасидра“, регистрирана во Петрич, Бугарија, а во сопственост на Вице Заев, брат на поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев.
„Јас воопшто не знаев која е компанијата. За тоа ме информираа од банката преку која одеа плаќањата откако ги прекинаа сите исплати и ми кажаа да си најдам друга банка затоа што ова е фирма на Вице Заев“,
рекол Колашинац кој не криел дека е голем пријател со експремиерот Зоран Заев.
Збунувачки за новинарите било тоа што во договорот на „Зобек мининг“ со грчкиот рудник воопшто не е спомнато дека друга фирма треба да прави ископ.
На третата средба што ја имале со Колашинац, тој им го покажал договорот со компанијата „Гомасидра“, регистрирана на иста адреса во Петрич со повеќе други фирми на Заеви, а каде што се наоѓа и компанијата „Пауер ај 8“ (POWER i8 Ltd) на сегашниот лидер на СДСМ, Венко Филипче, за која ИРЛ веќе пишуваше.
Договорот не им дозволил да го фотографираат, туку само да го прочитаме. Најбитно му било новинарите да се задржат на членот 4, каде што во детали е опишано кои се обврските на фирмата на Вице Заев.
Во договорот за трговско застапување, „Зобек мининг“ се обврзал дека за секој продаден тон јаглен ќе ѝ исплати на „Гомасидра“ по 47 евра, што е повеќе отколку цената на чинење на самиот јаглен, што е од 40 до 45 евра со транспорт.
За возврат, „Гомасидра“ се обврзала:„…во име и за сметка на налогодавецот ‘Зобек’, ќе постигнува договори за купопродажба на јаглен со трети лица, навремено ќе го известува и ќе се грижи за неговите интереси; потоа обезбедување работни простории во непосредна близина на местото на утовар; обезбедување опрема и неопходна механизација; калибрирање на јагленот согласно бараната гранулација; доколку е потребно десулфуризација до потребното ниво на сулфур; отпрашување на јагленот до прифатливо на пепел; и организирање брз и непречен утовар на јагленот и брзо и непречено пристигнување на крајната дестинација иако превозот на јагленот, во смисла на ангажман на возила и транспортни трошоци, е обврска на налогодавачот и тој самиот си ја плаќа“.
Меѓутоа, со овој трошок кон „Гомасидра“, за „Зобек мининг“ да биде профитабилен, јагленот требало да го продава за најмалку 90 евра по тон, зашто по договорената цена од 70 евра немало бизнис-логика да влегува во оваа зделка.
Кога го прашале Колашинац за оваа пазарна нелогичност, тој рекол дека не значи оти сѐ што е напишано во договорот со „Гомасидра“ е исплатено.
Сепак, според податоците за реализираните договори (испорачана количина и исплатена сума) од ЕСМ, договорот со „Зобек мининг“ вреден 20,3 милиони евра за производство на топлина бил исцрпен со помала количина покалоричен јаглен од предвидените, односно 244 илјади тони, така што реализираната просечна цена по тон скокнала до 82,5 евра.
За разликите во цената ИРЛ објаснување добиле од сопственикот на „Гомасидра“, Вице Заев, кој писмено одговорил на навните прашања. Според него цената од 47 евра по тон во договорот била наведена како горна граница, но на крајот, како што тврди, му биле исплатени помалку.
„За постигнување поголем квалитет на јагленот, согласно бараните стандарди на крајниот купувач, исплатени се по 37 евра по тон“,
изјавил Заев за ИРЛ.
Тој ги потврдил обврските наведени во договорот за подготовка на јагленот согласно спецификацијата на купувачот (ЕСМ), што вклучувало калибрирање, десулфуризација, отпрашување, утовар и вагање, како и логистичка поддршка при транспортните процеси.
Според пресметките на оваа сума и вкупната испорачана количина јаглен, ИРЛ пресметале дека „Гомасидра“ од оваа зделка инкасирала околу 9 милиони евра. Деталниот преглед од годишните сметки на „Зобек мининг“ покажува дека вакви милионски суми расходи се евидентирани во ставките „услуги со карактер на материјални трошоци“ и „останати расходи од работењето“.

Но, за разлика од Колашинац, кој тврдел дека воопшто не знаел која компанија е ангажирана за ова, Заев им рекол дека: „Со ‘Зобек мининг груп’ сме долгогодишни деловни соработници во повеќе стопански области преку правни субјекти регистрирани во Македонија.“
„Во деловната активност со енергетски ресурси ‘Гомасидра’ има искуство со јагленот во Грција, Романија и Бугарија. Бизнис-ориентацијата на ‘Гомасидра’ се ЕУ и пошироко. Во Македонија сѐ уште не сме имале таков предизвик“,
бил одговорот на Вице заев на прашањето какво искуство има неговата фирма во оваа индустрија.
Дека овие зделки ѝ донеле солиден профит на „Зобек мининг“ покажуваат и финансиските извештаи на компанијата.
Според ИРЛ, во 2023 година компанијата прикажала профит од 3,7 милиони евра, што е за 78 отсто повеќе отколку годината претходно, меѓутоа во 2024 година фирмата била во загуба од 940 илјади евра.
За Филипче „ауди“
Инаку, фирмата на Вице Заев „Гомасидра“ е отворена на 1 јуни 2017 година, чија примарна дејност е меѓународен транспорт, шпедиција, рентакар, како и продажба и издавање на недвижен имот. Вице Заев е единствен сопственик, а до мај 2021 година управител заедно со него бил и Трајче Заев, негов прв братучед и деловен партнер. На истата адреса фирми имаат Венко Филипче, како и Трајче и Бобан Заеви.
Фирмата „Зобек гроуп“ ДООЕЛ Скопје, како што пишува ИРЛ е основана на 1 ноември 2010 година. Прв сопственик бил извесен Селам Нуиновски од Скопје. На 15 септември 2021 година фирмата ја купил Енис Колашинац и добила ново име – „Зобек мининг груп“ ДООЕЛ Скопје.
Во текот на 2022, 2023 и 2024 година „Зобек мининг“ добива и пет големи тендери за градежно уредување на зоните од Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони додека директор е Јован Деспотовски. Вкупната вредност на договорите е 25 милиони евра.
На крајот на 2024 година Основното јавно обвинителство Скопје, по пријава од Финансиската полиција, отвори предмет за злоупотреба на службената положба за Деспотовски и уште седум лица од Бирото за јавни набавки и Државна комисија за жалби за добиените тендери на „Зобек мининг“ за ТИРЗ Штип и ТИРЗ Струмица. Обвинителството му го одзеде пасошот на Деспотовски, побара замрзнување на банкарските сметки и имотот на „Зобек мининг“.
Инаку, поврзаноста на „Зобек мининг“ со опозициската партија СДСМ води и до сегашниот лидер Венко Филипче. Минатата година ИРЛ дојде до фотографија на возило „ауди“ кое за време на предизборната кампања го возеше Филипче, а се водеше на име на фирмата „Зобек мининг“.
Енис Колашинац потврдил дека возилото било земено на лизинг за компанијата, но денес е во лична сопственост на Филипче.
Од Јавното обвинителство за ИРЛ соопштиле дека во тек се неколку предистраги за предмети поврзани со набавките на јаглен.
„Јавните обвинителства постапуваат по ревизорски извештаи кои во еден дел го опфаќаат предметот што го наведувате, но и по одредени други сознанија кои би можеле да се доведат во врска со набавките на јаглен“, навеле од Јавното обвинителство во договорот.
Од актуелното раководство на ЕСМ, пак, рекле дека договорите од изминативе години за набавки на јаглен ги побарале и Финансиската полиција и Министерството за внатрешни работи (МВР).
Целото истражување на ИРЛ можете да го прочитате на следниот ЛИНК.