Генералштабот на иранските вооружени сили, преку соопштение, ги отфрли тврдењата за лансирање ракета

Иран негираше дека лансирал ракета кон Турција, откако турските власти вчера објавија дека воздушната одбрана на НАТО соборила ракета од иранско потекло додека се движела кон нејзиниот воздушен простор.
Генералштабот на иранските вооружени сили, преку соопштение, ги отфрли тврдењата за лансирање ракета.
„Иранските вооружени сили го почитуваат суверенитетот на Турција и негираат дека испалиле каква било ракета кон нејзина територија“,
пишува „Гардијан“ повикувајќи се на соопштение објавено денеска од државните ирански медиуми.
Според турското Министерство за одбрана, ракетата се приближила до турскиот воздушен простор откако прелетала над Ирак и Сирија. Немало жртви во пресретнувањето на ракетата. Не беше откриено каде точно била насочена ракетата, но портпаролот на НАТО рече дека Алијансата го осудува иранското насочување кон Турција и цврсто стои зад сите сојузници.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека Турција ги презема сите потребни мерки на претпазливост во согласност со своите сојузници од НАТО и дека се издадени најјасни предупредувања за да се спречи повторување на слични инциденти.
Турското Министерство за одбрана соопшти дека ракетата прелетала над Ирак и Сирија пред да биде соборена од системите за воздушна одбрана на НАТО стационирани во Источен Медитеран.
„Ги предупредуваме сите страни да се воздржат од дејствија што би довеле до понатамошна ескалација на конфликтот во регионот. Во овој контекст, ќе продолжиме да се консултираме со НАТО и нашите други сојузници“,
објави турското Министерство за одбрана.
Според дипломатски извори, амбасадорот на Иран е повикан во турското Министерство за надворешни работи во Анкара за да турската влада официјално го изрази својот протест.
Иран, откако беше нападнат од Израел и САД, започна напади врз неколку земји што ги смета за сојузници на Израел и САД во регионот.
