Во соопштението од Врховниот совет за национална безбедност се велид ека Лариџани бил убиен во раните утрински часови, заедно со неговиот син Мортеза, Алиреза Бајат кој е заменик-безбедносниот совет на администрацијата и голем број телохранители

Техеран потврди дека е убиен неговиот највисок функционер за безбедност, Али Лариџани, секретар на Врховниот совет за национална безбедност на Иран. Советот соопшти дека Лариџани, кој се појави како една од најважните личности во Иран во последните месеци, загинал заедно со неколку други, вклучувајќи го и неговиот син и членовите на обезбедувањето.
Лариџани беше влијателен секретар на Врховниот совет за национална безбедност (СНСБ) на Иран.
Тој беше назначен во август 2025 година од претседателот Масуд Пезешкијан за секретар на СНСБ и како претставник на покојниот врховен лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, во советот.
Тој е опишан и во иранските медиуми како советник на покојниот врховен лидер. Тој беше претседател на иранскиот парламент 12 години, од мај 2008 до мај 2020 година.
Во соопштението од Врховниот совет за национална безбедност на Иран, кое го пренесуваат светските агенции, се потврдува смртта на Лариџани.
„Чистите души на мачениците ја прегрнаа прочистената душа на Божјиот праведен слуга, маченикот д-р Али Лариџани“,
се наведува во соопштението.
Во него се додава дека и синот на Лариџани и неговите телохранители починале со него.
„Во раните утрински часови, тој беше убиен заедно со неговиот син Мортеза, Алиреза Бајат кој е заменик-безбедносниот совет на администрацијата и голем број телохранители“,
пишува Ројтерс повикувајќи се на соопштението.
Претходно денеска израелските власти потврдија дека Лариџани е убиен. Израелските одбранбени сили (ИДФ) ја објавија веста дека Лариџани е елиминиран на профилот на Икс каде што се вели дека тој бил еден од најискусните личности во раководството на иранскиот режим и близок соработник на врховниот лидер Али Хамнеи.
ИДФ соопшти дека во друг напад е убиен и командантот на паравоените сили „Басиџ“, Голамреза Солејмани.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека убиството на Лариџани е дел од напорите да им се даде шанса на Иранците да ги отстранат своите владетели.
