Од страна на израелскиот врв се почесто се слушаат изјави со закани кон иранскиот државен врв, што го отвора прашањето дали уривањето на режимот во Техеран е нова, трета цел на израелските напади врз Иран, покрај претходните две што ги соопштија веднаш по нападите во петокот, а кои се насочени го уништување на нуклеарната и ракетна програма на Иран
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, би можел да се соочи со иста судбина како и покојниот ирачки диктатор Садам Хусеин, предупреди денеска израелскиот министер за одбрана Израел Кац.

„Го предупредувам иранскиот диктатор да не продолжува да врши воени злосторства и да истрелува ракети врз израелски граѓани. Тој треба да се потсети каква беше судбината на диктатор во земја соседна на Иран кој го избра овој пат“,
рекол Кац на состанокот на високи израелски воени претставници во Тел Авив, пренесе Си-ен-ен.
Како што потсетува американската телевизија, Садам Хусеин, кој беше претседател на Ирак од 1979 година до неговото соборување во 2003 година, го нападна Иран во 1980 година и започна ракетна кампања против Израел во 1991 година. Војната меѓу Иран и Ирак заврши во ќор-сокак по осум години. Кампањата на Ирак против Израел траеше малку повеќе од еден месец за време на Првата заливска војна, а Израел – под притисок од Соединетите Американски Држави – не возврати на нападите.
Откако силите предводени од САД го нападнаа Ирак во 2003 година, Хусеин беше брзо заробен, изведен пред суд и осуден на смрт со бесење.
Коментарот на Кац доаѓа откако високи американски функционери викендов за Си-ен-ен и за агенцијата Ројтерс изјави дека Израелците имале можност да го убијат иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамени, но добиле порака од Соединетите Американски Држави дека претседателот Доналд Трамп се спротивставил на ваквиот план.
Инаку, од страна на израелскиот врв се почесто се слушаат изјави со закани кон иранскиот државен врв, што го отвора прашањето дали уривањето на режимот во Техеран е нова трета цел на израелските напади врз Иран, покрај претходните две што ги соопштија веднаш по нападите во петокот, а кои се насочени го уништување на нуклеарната и ракетна програма на Иран.
Трамп сака „вистински крај“ на конфликтот, а не прекин на огнот
Американскиот претседател Доналд Трамп, откако демантираше дека не заминал од Самитот на лидерите на Г7 за да работи на прекин на огнот меѓу Израел и Иран, денеска соопшти дека бара „вистински крај“ на конфликтот, а не само прекин на огнот, објави агенцијата Франс прес.
„Не барам прекин на огнот, барам нешто подобро од прекин на огнот“,
рекол Трамп зборувајќи со новинарите во претседателскиот авион.
Тој сугерираше и оти е можно целосно откажување на преговорите со Иран во врска со нуклеарната програма.
Американскиот претседател рече дека очекува следните 48 часа да откријат повеќе за тоа дали Израел планира да ги забави или забрза своите напади врз Иран.
„Ќе дознаете. Никој досега не забавил“,
рече Трамп.

Инаку, Трамп денеска планира да се сретне со својот тим за национална безбедност во Собата за ситуации во Белата куќа.
Прашан дали военото вклучување на САД ќе обезбеди уништување на нуклеарната програма на Иран, како што тоа јавно го кажаа некои израелски претставници, Трамп изјави оти се надева дека програмата на Техеран ќе биде збришана долго пред тоа.
„Тие нема да имаат нуклеарно оружје“,
рече Трамп.
Прашан што стоело зад неговиот повик за итна евакуација на жителите на Техеран, односно на што конкретно се однесувал, американскиот претседател изјави дека не мислел на конкретна закана, туку сметал дека е побезбедно луѓето да се евакуираат со оглед на ситуацијата на терен.
„Сакам луѓето да бидат безбедни… Секогаш е можно нешто да се случи. Само сакам луѓето да бидат безбедни“,
рече тој.
Во врска со загриженоста за американските трупи и бази во регионот, Трамп рече дека САД ќе одговорат „многу силно“ ако Иран ги нападне.
„Мислам дека знаат дека не треба да ги допираат нашите трупи“,
рече тој.
Си-ен-ен: Колку блиску е Иран од развој на нуклеарна бомба
Инаку, Си-ен-ен денеска објави дека проценките на американските разузнавачки служби покажуваат дека Иран не се стреми активно да развие нуклеарно оружје и дека е три години далеку од можноста да развие такво нешто.
Проценките, кои ги добиле од четири извори запознаени со нив, според телевизијата се во остра спротивност со наративот што го користи Израел кон Иран дека земјата брзо се приближува кон точка од која нема враќање, односно е на чекор да произведе нуклеарно оружје.
„Кога Израел ја започна својата серија напади врз Иран минатата недела, тој исто така издаде голем број сериозни предупредувања за нуклеарната програма на земјата, сугерирајќи дека Иран брзо се приближува кон точка од која нема враќање во својата потрага по нуклеарно оружје и дека нападите биле неопходни за да се спречи тој исход. Но, проценките на американските разузнавачки служби дојдоа до поинаков заклучок – не само што Иран не се стреми активно да развие нуклеарно оружје, туку е три години далеку од тоа да може да произведе и испорача такво оружје“,
објави Си-ен-ен, повикувајќи се на четири лица запознаени со проценката.
Друг висок американски функционер за Си-ен-ен изјавил дека Иран е „најблиску што може за да се стигне до производство (на нуклеарно оружје).
„Ако Иран сакаше едно, тие имаат сè што им е потребно“, рекол тој.
Во меѓувреме, по неколкудневните израелски воздушни напади, американските разузнавачки претставници веруваат дека досега Израел можеби ја забавил нуклеарната програма на Иран само за неколку месеци.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно го отфрли конгресното сведочење од директорката на националното разузнавање на САД, Тулси Габард, која во март пред американскиот Конгрес изјави дека американските разузнавачки агенции не веруваат дека Иран гради нуклеарно оружје.
„Не ми е грижа што кажа (таа). Мислам дека беа многу блиску до тоа да го добијат“,
изјави денеска Трамп одговарајќи на новинарско прашање во претседателскиот авион.