Полковникот на командата на домашниот фронт, Мики Давид, вели дека иранската ракета што утринава паднала на улица во Тел Авив предизвикала значителна штета на три блиски згради, но немало лица со сериозни повреди

Најмалку шест лица се повредени во ирански ракетен напад врз Израел, објави израелската служба за итни случаи Маген Давид Адом.
Во објава на Телеграм, тие наведоа дека, според досегашните информации, нема жртви во нападот и оти медицинските тимови им помагаат на повредените.
„Ќе објавиме нови информации подоцна“,
се вели во соопштението.
Претходно израелските медиуми пишуваа дека сирени за воздушен напад се огласиле во Тел Авив и Централен Израел откако властите објавиле дека се откриени лансирања на ракети од Иран.
Странските медиуми, повикувајќи се на информации од израелските портали, објавија дека во градот се регистрирани повеќе места на удар и дека се испратени спасувачки служби.
Израелската полицијата соопшти дека ракета со околу 100 килограми експлозив го погодила центарот на Тел Авив, предизвикувајќи голема штета на зградите и возилата, објави „Тајмс оф Израел“.
Полковникот на командата на домашниот фронт, Мики Давид, вели дека иранската ракета што утринава паднала на улица во Тел Авив предизвикала значителна штета на три блиски згради, но немало лица со сериозни повреди.
„Можам да кажам дека во овој инцидент, кој изгледа визуелно драматичен, има само три лесни повреди“,
вели тој во изјава за медиумите на местото на настанот, додавајќи дека повеќето жители се засолниле во блиското засолниште.
Давид дополнително проценува дека значителната штета предизвикана од проектилот укажува оти не се одвоил од касетна муниција, но забележува дека, сепак, се чини, била помала од конвенционалните, некластерни боеви глави претходно лансирани од Иран.
Полицијата соопшти дека специјални тимови работат на отстранување на неексплодирани проектили, додека Израелските одбранбени сили (ИДФ) веќе упатија дополнителни трупи на југот на земјата за санирање на штетите во неколку подрачја. Напади се регистрирани и во северниот дел на Израел, каде што се оштетени станбени објекти, но засега нема извештаи за жртви.
