Како што бевме подготвени за преговори, во секое време бевме уште поподготвени за одбрана. Вооружените сили на Исламската Република Иран решително ќе одговорат на агресорите со авторитет, соопшти Министерството за надворешни работи на Иран на „Икс“

Министерството за надворешни работи на Иран преку соопштение вели дека биле свесени за намерите на САД и Израел да извршат напади, но дека тие влегле во преговори за нуклеарната програма за да „демонстрираат нелегитимност на секој изговор за агресија“.
Оттаму потенцираат дека нападите се случува за време на светиот месец Рамазан, а чинот го оценуваат како грубо кршење на територијалниот интегритет и националниот суверенитет на Иран.
„Нападнаа низа цели, одбранбени инфраструктури и цивилни објекти во различни градови на нашата земја… Дојде време да се одбрани татковината и да се соочиме со воениот напад на непријателот. Како што бевме подготвени за преговори, во секое време бевме уште поподготвени за одбрана. Вооружените сили на Исламската Република Иран решително ќе одговорат на агресорите со авторитет“,
велат од тамошното МНР и посочуваат дека Иран ќе ја искористи целата своја моќ и ресурси за да се соочат со, според нив, криминалната агресија.
Оттаму велат дека ги потсетуваат Обединетите нации и Совет за безбедност на сериозната должност преземат итни мерки за справување со нарушувањето на меѓународниот мир и безбедност поради, како што посочуваат, јасната воена агресија на САД и Израел.
„Историјата сведочи дека Иранците никогаш не се предале на странска агресија и хегемонија. И овој пат, одговорот на иранската нација ќе биде решителен и ќе ги натера агресорите да се покаат за своето злосторство“,
се вели во соопштението.
Третата рунда индиректни нуклеарни разговори меѓу Иран и САД се одржа пред два дена во Женева – без никаков пробив.
По денешните напади, Врховниот совет за национална безбедност на Иран соопшти дека вооружените сили веќе започнале со одмазднички мерки.
Истовремено, предупредија дека операциите на САД и Израел би можеле да продолжат во Техеран и други градови, повикувајќи ги граѓаните, „додека одржуваат смиреност“, да патуваат во побезбедни области каде што е можно за да избегнат опасност.
Советот тврди дека владата „ги подготвила сите општествени потреби однапред“ и дека „нема загриженост во врска со снабдувањето со основни стоки“, советувајќи ги луѓето да избегнуваат преполни трговски центри.
Училиштата и универзитетите во Иран ќе останат затворени до понатамошно известување, банките ќе продолжат со услугите, а владините канцеларии ќе работат со 50% капацитет.
По денешниот заеднички напад на САД и Израел врз Иран, американскиот претседател Доналд Трамп, како и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, го повикаа иранскиот народ да ја преземе судбината „во свои раце“ и да го срушат режимот во Техеран.
