„Владите на исламските земји мора што е можно поскоро да ја предупредат криминалната Америка и дивјачкиот ционистички режим против ваквите кукавички и нехумани дејствија“, соопшти централниот штаб поврзан со Корпусот на Исламската револуционерна гарда

Иранската војска се закани дека ќе нападне нафтени постројки во регионот доколку Израел продолжи да ја напаѓа енергетската инфраструктура на Исламската Република.
„Владите на исламските земји мора што е можно поскоро да ја предупредат криминалната Америка и дивјачкиот ционистички режим против ваквите кукавички и нехумани дејствија“,
соопшти централниот штаб поврзан со Корпусот на Исламската револуционерна гарда.
Во соопштението пишува дека во спротивно слични мерки ќе бидат преземени во регионот.
„И ако можете да толерирате нафта со цена од над 200 долари за барел, продолжете да ја играте оваа игра“,
пишува во кратката изјава објавена на интернет-страницата на парискиот весник „Ле Монд“.
Инаку, конфликтот на Блискиот Исток, што започна со нападот на Соединетите Американски Држави (САД) и Израел врз Иран, влезе во втората недела. Израел денеска рано наутро ја нападна енергетската инфраструктура, а сега ги таргетира и воздухопловните сили на Иран, пишува Би-би-си.
Како што објави британската телевизија Скај њуз, огнените јазици што го парале небото над Техеран личеле како сцена од апокалипса откако Израел погодил четири различни нафтени објекти во близина на градот.
Израелската војска соопшти дека извршила уште еден бран напади во Техеран и тврди дека цел било седиште на воздухопловните сили на корпусот на Исламската револуционерна гарда.
