Министерот за надворешни работи на Иран, Абас Аракчи во интервју за иранскиот државен телевизиски канал изјави дека Техеран го разгледува планот на САД за прекин на Заливската војна, но тоа не значи дека се водат разговори
Сè уште не е сосема јасно дали се водат преговори меѓу САД и Иран. Ако се слушаат изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп тие се водат на барање на Иран, но ако се праша Техеран, одговорот е дека нема такво нешто.

Американскиот претседател, Трамп вели дека лидерите на Иран не сакаат да признаат дека преговараат со Соединетите Американски Држави (САД) бидејќи се плашат да не бидат убиени од сопствениот народ, пренесе Би-би-си.
Говорејќи на вечера со републиканските членови на Конгресот, Трамп истакна дека Техеран, според неговите сознанија, всушност сака да постигне договор, но дека преговарачите се плашат тоа отворено да го признаат.
„Тие преговараат и толку многу сакаат да постигнат договор. Но, се плашат тоа да го кажат, бидејќи мислат дека ќе бидат убиени од сопствениот народ. Тие исто така се плашат дека ќе бидат убиени од нас“,
рече Трамп пред присутните конгресмени.
Претходно, Белата куќа соопшти дека САД упатиле остро предупредување до Иран, наведувајќи дека претседателот Трамп ќе удри посилно, доколку Техерна не го прифати воениот пораз.
„Претседателот Трамп не блефира и е подготвен за пекол. Иран не треба повторно да ја направи таа грешка. Ако Иран не ја прифати реалноста на сегашниот момент, ако не разбере дека воено поразен, претседателот ќе се погрижи да бидат погодени посилно од кога било досега“, рече портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит.
рече портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит.
Додека војната на САД и Израел против Иран влегува во својата четврта недела, повеќе земји како Пакистан, Турција и Египет вложија напори да посредуваат во можни разговори за прекин на огнот, но неизвесноста останува околу тоа каде и кога ќе се одржат разговорите.
Министерот за надворешни работи на Иран, Абас Аракчи во интервју за иранскиот државен телевизиски канал изјави дека Техеран го разгледува планот на САД за прекин на Заливската војна, но тоа не значи дека се водат разговори.
Според него, размената на пораки преку посредници не може да се изедначи со преговори и дека Иран нема намера да води разговори за прекин на растечкиот конфликт на Блискиот Исток.
„Тие изнесоа идеи што им беа пренесени на највиоските власти (на Иран) и доколку е потребно, ќе дадат одговор„,
рече Аракчи.
Аракчи, исто така, вели дека политиката на Иран засега е да продолжи да се брани и дека тие засега немаат намера да преговараат.
„Ова е војна на Израел, и луѓето од регионот и луѓето од САД ја плаќаат цената за тоа“,
додава Аракчи.

Иран претходно издаде пет услови за завршување на војната, кои како што изјави ирански функционер за државните медиуми, вклучууваат завршување на конфликтот на сите фронтови и исплата на репарации.
Изјавата дојде откако медиумите претходно објавија дека Иран добил од САД план од 15 точки, од кои првите пет, според информациите, се однесуваат на нуклеарниот сектор. Вашингтон бара Иран никогаш да не се обидува да се здобие со нуклеарно оружје, да го предаде целото збогатено нуклеарно гориво на датум утврден од страните, како и да бидат демонтирани неколку клучни нуклеарни објекти и инсталации.
