Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи во интервју за Ал Џезеира изјави дека глобалните ризици од војната на Блискиот Исток „ќе ги погодат сите“, сугерирајќи дека повеќе западни држави треба да се спротивстават на конфликтот
Израел продолжува да напаѓа цели на Хезболах во Либан, каде во текот на ноќта бил погоден центарот на главниот град Бејрут, при што загинале најмалку 20 лица, пренесоа светските медиуми. Во исто време, Соединетите Американски Држави (САД) извршија напади врз ирански ракетни позиции вдолж Ормускиот Теснец, додека Иран ги отфрли предлозите за смирување на конфликтот, пренесени преку посредници, и како одмазда за убиството на Али Лариџани го нападна Тел Авив со касетни бомби. Според извештаите, во нападот се убиени најмалку две лица.

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, изјави дека глобалните ризици од војната на Блискиот Исток „ќе ги погодат сите“, сугерирајќи дека повеќе западни држави треба да се спротивстават на конфликтот.
Арагчи во интервју за катарската телевизија Ал Џезеира, исто така, изјави дека ставот на Иран во односно на развојот на нуклеарно оружје нема значително да се промени, пренесе „Гардијан“.
Неговите коментари доаѓаат откако иранската армија вети решителна и тешка одмазда за убиството на шефот на безбедносните сили на земјата, Али Лариџани во израелски воздушен напад.
Лариџани беше влијателен секретар на Врховниот совет за национална безбедност (СНСБ) на Иран. Техеран синоќа ја потврди неговата смрт, додавајќи дека заедно со Лариџани се убиени уште неколку лица, меѓу кои и неговиот син и членовите на обезбедувањето.
Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп продолжи со вербалните напади врз сојузниците во НАТО, наведувајќи дека на САД не им е потребна нивната помош во војната со Иран.
За потсетување, изминатите денови Трамп изврши притисок врз европските сојузници во НАТО, барајќи од нив да се вклучат во обезбедувањето на Ормускиот Теснец, што наиде на одбивање од страна на големите земји од стариот континент.
Американската војска синоќа соопшти дека извршила напади на цели по должината на крајбрежјето на Иран, посочувајќи дека иранските противбродски ракети претставуваат ризик за меѓународниот поморски транспрот во областа.
Централната команда на САД соопшти дека во нападите нејзината војска успешно употребила големо количество проектили со пенетрирачка моќ од околу 2 300 килограми.
Меѓународната поморска организација денес треба да одржи вонредна седница на која ќе се дискутира за воспоставување безбеден поморски коридор со кој би требало да се овозможи евакуација на десетици илјади морнари и илјадници бродови што во моментов се заглавени во Персискиот залив.

Во меѓувреме, светските агенции пренесоа дека во ирански ракетен бараж се убиени две лица во местото Рамат Ган, во близина на Тел Авив, а израелската национална железничка компанија соопшти дека шрапнели од проектили ги прекинале железничките услуги.
Во Либан, израелските воздушни напади го погодија центарот на Бејрут. Израелската војска издаде соопштение во кое ги повика жителите да се евакуираат пред првиот напад насочен кон милитантната група Хезболах, поддржана од Иран.
Според извештаите, најмалку 20 лица се убиени, а повеќе од 30 ранети во израелскиот воздушен напад врз населбата Башура во самиот центар на Бејрут, извршен утрово.
Истовремено, Иран ја потврди смртта на командантот на милицијата Басиџ, Голамреза Солејмани, откако Израел претходно објави дека неговата војска го убила. Според извештаите, убиството на Солејмани се оценува како еден од најтешките удари врз иранското раководство откако во заедничките американско-израелски напади беше убиен поранешниот врховен лидер Али Хамнеи на 28 февруари.
