Техеран постојано тврди дека неговата нуклеарна програма е наменета исклучиво за цивилни цели, а не за развој на нуклеарно оружје

Иран има намера да продолжи со својата нуклеарна програма и покрај неодамнешните напади врз клучните нуклеарни постројки, изјави Мохамед Еслами, раководител на Организацијата за атомска енергија на Иран (АЕОИ).
Еслами денеска за државната телевизија ИРИБ изјави дека Иран планира да го продолжи процесот на производство без прекин. Тој додаде дека штетата предизвикана на постројките сè уште се проценува.
Експертите велат дека сè уште не е јасно колку штета предизвикале израелските и американските напади.
Соединетите Американски Држави, во текот на викендот го нападнаа подземниот нуклеарен објект Фордоу со бомби за пробивање бункери. Американскиот претседател Доналд Трамп тврдеше дека нападите целосно ги уништиле клучните нуклеарни постројки за збогатување (ураниум) на Иран, иако ова не е потврдено.
Наведената цел на Израел во конфликтот, кој започна на 13 јуни, беше да ја запре нуклеарната програма на Техеран и да ја елиминира заканата за Израел што ја претставуваше програмата за оружје на Иран.
Техеран постојано тврди дека неговата нуклеарна програма е наменета исклучиво за цивилни цели, а не за развој на нуклеарно оружје.
Сепак, Иран го рафинирал ураниумот до чистота од 60 проценти, што е мал чекор до околу 90 проценти, квалитет за бомба и далеку над ограничувањето од 3,67 проценти наметнато со нуклеарниот договор од 2015 година, до кој Иран се придржуваше сè додека американскиот претседател Доналд Трамп не се повлече од договорот во 2018 година.