Иран ја отфрли можноста за преговори за неговите одбранбени способности, како што е неговата ракетна програма
Иран и САД денес ќе одржат разговори на високо ниво во Оман со цел оживување на преговорите за нуклеарната програма на Техеран која брзо напредува, а американскиот претседател Доналд Трамп се заканува со воена акција доколку не се постигне договор.
Иран пристапува кон преговорите претпазливо и е скептичен дека тие би можеле да доведат до договор, а исто така е недоверлив и кон Трамп, кој во повеќе наврати се закани дека ќе го бомбардира Иран ако не ја запре својата нуклеарна програма.

Иако двете страни навестија можност за напредок, тие сепак значително се разликуваат по прашањето за спорот што трае повеќе од две децении и сè уште не постигнале договор дали преговорите ќе бидат директни, како што бара американскиот претседател Доналд Трамп, или индиректни, како што сака Иран, објавија британските медиуми.
Регионални тензии и поширок контекст
Знаците за напредок би можеле да помогнат во смирувањето на тензиите во регионот кој се соочува со војни во Газа и Либан од 2023 година, ракетни напади меѓу Иран и Израел, напади на хутите врз бродови во Црвеното Море и соборување на владата во Сирија.
Сепак, неуспехот би ги засилил стравувањата од поширок конфликт во регионот, кој извезува најголем дел од светската нафта.
Техеран ги предупреди соседните земји во кои се наоѓаат американски бази дека ќе се соочат со „сериозни последици“ доколку бидат вклучени во каков било американски воен напад врз Иран.
Кои се преговарачите
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, кој го има последниот збор во владата на Исламската Република за клучните државни прашања, сите овластувања да води преговори му ги довери на министерот за надворешни работи Абас Аракчи, изјави ирански функционер за Ројтерс.
Аракчи ја предводи иранската делегација, додека преговорите на американска страна ќе ги води специјалниот пратеник на Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф.
Времетраењето на преговорите, кои ќе се занимаваат исклучиво со нуклеарното прашање, ќе зависи од сериозноста и добрата волја на американската страна, рече претставникот, кој сакаше да остане анонимен поради чувствителноста на темата.
Иран ја отфрли можноста за преговори за неговите одбранбени способности, како што е неговата ракетна програма.
Нуклеарна програма и санкции
Техеран постојано тврди дека неговата нуклеарна програма има чисто цивилни цели, додека западните земји веруваат дека Иран сака да изгради атомски бомби.
Тие веруваат дека збогатувањето на ураниум, нуклеарното гориво, во Иран ги надмина потребите на цивилната програма.
Трамп, кој од февруари ја рестартираше кампањата за „максимален притисок“ врз Техеран, во 2018 година се повлече од иранскиот нуклеарен договор со шесте светски сили и повторно воведе санкции кон Исламската Република.
Оттогаш, иранската нуклеарна програма напредуваше, вклучително и збогатување ураниум до 60 отсто, што е на чекор од нивото потребно за изградба на нуклеарна бомба, истакнуваат британските медиуми.
Американскиот секретар Марко Рубио пред два дена изјави дека се надева оти разговорите ќе доведат до мир и дека САД јасно ставиле до знаење дека Иран никогаш нема да има нуклеарно оружје.