Меѓународната заедница стравува, војната меѓу Хамас и Израел да не се прелее надвор од границите, како и од сѐ посилното учество на проиранскиот Хезболах, сојузник на палестинското исламистичко движење Хамас
Армијата на Израел го обвини Хезболах дека бара воена ескалација, заканувајќи се дека ќе го вовлече Либан во војна, по новите судири на границата каде што тензиите се високи по нападот на израелска територија од 7 октомври од страна на Хамас.
„Хезболах го вовлекува Либан во војна од која нема да добие ништо, но ризикува да изгуби многу“,
предупреди портпаролот на израелската армија Џонатан Конрикус на социјалната мрежа X.
Меѓународната заедница стравува војната меѓу Хамас и Израел да не се прелее надвор од границите, како и од сѐ посилното учество на проиранскиот Хезболах, сојузник на палестинското исламистичко движење Хамас. Последната војна меѓу Израел и Хезболах во 2006 година остави 1 200 мртви во Либан и 160 мртви во Израел, главно војници. Поради тоа, од 7 октомври израелската армија е во состојба на готовност на северната граница со Либан.
Шест борци на Хезболах и еден член на палестинскиот исламски џихад во Либан беа убиени во прекугранични судири овој викенд. Повредени се и тројца израелски војници, од кои еден потешко и уште двајца земјоделски работници. Од 7 октомври досега на либанска страна загинаа 29 лица, главно борци, но и цивили, меѓу кои и новинар на Ројтерс. Израелската армија јави за четворица загинати, вклучително и тројца војници.
„Дали либанската држава навистина е подготвена да го загрози она што остана од просперитетот и суверенитетот на Либан? Тоа е прашање на кое либанските власти треба да одговорат“,
рече во неделата потполковникот Џонатан Конрикус.
Либанскиот премиер Наџиб Микати во неделата објави „дипломатски контакти на меѓународно ниво и во арапскиот свет, како и локални состаноци што се одржуваат во обид да се стави крај на израелските напади врз Либан“. Целта на овие контакти е да се спречи ширењето на конфликтот од Газа на либанска територија.
Во саботата, друг човек на Хезболах, шеикот Наим Касем, повторно се закани со ескалација.
Иран денеска ги предупреди Израел и САД дека постои опасност ситуацијата да „излезе од контрола“.