Иранската државна телевизија вчера ја повика јавноста да ја избрише апликацијата за пораки Ватсап од своите мобилни телефони тврдејќи дека собира лични податоци, вклучувајќи ги и локациите на корисниците, и ги пренесува на „ционистичкиот непријател“

Иран денеска објави дека се уапсени пет лица, идентификувани како агенти на Мосад – израелската разузнавачка служба, под обвинение за оцрнување на имиџот на Исламската Република на интернет, објавија неколку локални медиуми.
„Овие платеници, преку своите намерни активности во киберпросторот, се обидоа да предизвикаат јавна загриженост и да го оцрнат имиџот на светиот систем на Исламската Република Иран“,
објавија новинските агенции ИСНА и Тасним повикувајќи се на соопштение од Корпусот на Револуционерната гарда, идеолошката армија на земјата.
Апсењата се случиле во западен Иран, во покраината Лорестан.
Соопштението доаѓа на шестиот ден од интензивниот воен конфликт меѓу Иран и Израел, најголемиот непријател на иранскиот режим.
Во петокот, еден ден по избувнувањето на непријателствата во Израел, иранското Министерство за комуникации објави привремени ограничувања на интернетот во земјата.
Многу веб-страници и апликации се делумно или целосно недостапни оттогаш.
Иранските власти вчера ја повикаа јавноста да ја минимизира употребата на уреди поврзани со интернет и да биде претпазлива онлајн, објави новинската агенција ИСНА.
На државните службеници и нивните безбедносни тимови им е забрането да користат какви било поврзани уреди, вклучувајќи мобилни телефони, паметни часовници и лаптопи, соопштија иранските власти во соопштението.
Иранската државна телевизија, од своја страна, вчера ја повика јавноста да ја избрише апликацијата за пораки Ватсап од своите мобилни телефони тврдејќи дека собира лични податоци, вклучувајќи ги и локациите на корисниците, и ги пренесува на „ционистичкиот непријател“.
Ватсап: Не ѝ даваме информации на ниедна влада
Ватсап ги негира обвинувањата.
„Загрижени сме дека овие лажни извештаи би можеле да се искористат како изговор за блокирање на нашите услуги во време кога на луѓето најмногу им се потребни. Сите пораки што ги испраќате до вашето семејство и пријатели на Ватсап се енкриптирани од почеток до крај, што значи дека никој освен испраќачот и примачот немаат пристап до тие пораки, дури ни Ватсап. Ние не даваме информации на ниедна влада“,
изјави портпаролот на Ватсап, во сопственост на „Мета груп“, додавајќи дека повеќе од една деценија „Мета“ обезбедува извештаи за транспарентност кои вклучуваат ретки околности во кои се побарани информации за Ватсаоп.