Овој напад е дел од пошироката ескалација на конфликтот, во кој Иран таргетира повеќе локации во Израел, вклучително и области во близина на нуклеарни капацитети. Техеран најави арсенал кој ќе ги изненади Израел и САД

Иран продолжува со ракетните напади врз Израел, при што со балистичка ракета беше погоден уште еден град на југот на земјата. Според последните информации, нападот го погодил градот Арад, каде што има десетици повредени лица, најчесто од шрапнели и експлозии.
Овој напад е дел од пошироката ескалација на конфликтот, во кој Иран таргетира повеќе локации во Израел, вклучително и области во близина на нуклеарни капацитети.
Претходно денеска Иран изврши напад врз нуклеарниот центар Димона во Израел.
Во меѓувреме, Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) соопшти дека нема докази за оштетување на нуклеарниот центар во Димона.
Според агенцијата, не се регистрирани зголемени нивоа на радијација, што укажува дека објектот не е погоден.
Генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси, повика на максимална воздржаност, нагласувајќи дека нападите во близина на нуклеарни постројки претставуваат сериозен ризик.
Според достапните информации, ракетата што ја таргетирала областа околу Димона погодила локација оддалечена околу 12 километри од нуклеарниот центар, при што биле повредени десетици лица.
Иран ја потврди одговорноста за нападите, наведувајќи дека тие се одговор на претходни напади врз неговите нуклеарни објекти.
Ситуацијата на Блискиот Исток останува напната, со најави за нови напади и можност за натамошна ескалација на конфликтот. Командант на воздухопловните сили на Иранската револуционерна гарда најави дека Иран во текот на ноќта ќе лансира повеќе ракети кон Израел.
Командантот Сејед Маџид Мусав додаде дека „новите тактики и системи за лансирање“ ќе ги шокираат САД и Израел.
