Властите во Багдад изјавија дека Телеграм не одговорил на нивните барања за решавање на прашањето за „протекување податоци од државни институции и од уреди на поединци, што претставува закана за националната безбедност и општествениот мир“
Ирачката влада денеска објави дека ја суспендира популарната апликација за пораки Телеграм низ целата земја поради „националната безбедност“, јавуваат агенциите, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.

Одлуката, според информациите, предизвикала критики на каналите блиски до проиранските фракции.
Услугата беше блокирана во средината на неделата, а новите пораки не се вчитуваа за корисниците во Багдад. Апликацијата е сè уште достапна за корисниците кои користат ви-пи-ен (VPN) адреси.
Ирачкото министерство за комуникации ја оправда одлуката, повикувајќи се на „директивите од повисоките нивоа на власта, поврзани со националната безбедност“.
Министерството наведува и дека суспензијата е важна за „заштита на личните податоци на граѓаните, кои апликацијата ги прекршува“.
Властите изјавија дека Телеграм „не одговорил“ на нивните барања за решавање на прашањето за „протекување податоци од државни институции и од уреди на поединци, што претставува закана за националната безбедност и општествениот мир“.
Инаку, платформата „Телеграм е многу популарна во Ирак и често се користи како пропагандна платформа од групи блиски до вооружени фракции и проирански политички партии.
На еден од тие канали се критикуваше одлуката на Ирак да го суспендира Телеграм, велејќи дека овој потег во суштина е обид за нивно „замолкнување“.
Каналот, кој има повеќе од 330.000 претплатници, ги обвини и ирачките власти, кои се поддржани од проирански партии за „конфискување на слободите“.
По неколку децении конфликт, Ирак е во период на релативна стабилност, но властите често се мета на критики од невладиниот сектор и активистите за поткопување на слободата на изразување.
Минатиот месец „Амнести интернешнл“ изрази загриженост дека ирачката влада размислува да предложи два нацрт-закони до парламентот, кои доколку бидат усвоени, „сериозно ќе ги ограничат правата на слободата на изразување и мирно собирање“.
Оваа група посочи дека предложените нацрт-закони се појавуваат истовремено со „серијата судења на поединци кои критикуваа личности од власта“.
Телеграм претходно беше блокирана во голем број други земји.
Во април, популарната апликација беше суспендирана во Бразил бидејќи не обезбеди пристап до податоците за неонацистичките групи активни на платформата.
Два дена подоцна, по поднесена жалба, одлуката беше укината, потсетува АФП.