Шеесетина поддржувачи на СНС фрлале со пиротехнички средства, петарди, шишиња и камења кон демонстрантите
Неколку граѓани се повредени во инцидент што се случи на протестите кои се одржуваат вечерва во Нови Сад, Србија, пренесуваат српските медиуми. Околу 21 часот, како што јавуваат повеќе медиуми, дошло до судир меѓу две групи – граѓаните кои протестираат со Студентите во блокада и поддржувачите на Српската напредна странка, од друга страна.
Првично имало меѓусебни вербални напади кога демонстрантите стигнале до просториите на СНС, а потоа шеесетина поддржувачи на владејачката партија почнале да фрлаат со пиротехнички средства, петарди, шишиња и камења кон демонстрантите, пренесува „Нова“.

Полицијата интервенирала со опрема за разбивање толпа, по што ситуацијата се смирила, но тензично е и во другите градови каде полициски кордони ги раздвојуваат демонстрантите и приврзаниците на претседателот Александар Вучиќ.
Протести вечерва има во Белград, Лазаревац, Суботица, Ниш, Крагуевац, Чачак, Смедерево, Шабац, Рума, Горни Милановац, Краљево, Лесковац, Сомбор, Аранѓеловац, Параќин, Прокупље, Ужице, Алексинац, Пирот, Кикинда, Сремска Митровица, Врање, Нови Сад, Зрењанин.

Демонстрациите се на повик на Студентите во блокада кои ги повикаа граѓаните да излезат на улица откако поддржувачи на СНС вчера нападнаа демонстранти во Врбас и Бачка Паланка.