Пред членовите на Комисијата за селекција, како и претставниците на невладини организации и институции, својата визија за мисијата на Државната комисија за спречување на корупцијата ја претставија Антонија Андонова-Тасевска, дипломиран правник и магистер по казнено право од Гевгелија; Владимир Клековски, дипломиран правник со положен правосуден испит од Скопје; Милка Муратовска од Струмица, дипломиран правник со положен правосуден испит магистер по казнено право; и Борче Стојановски, дипломиран економист и магистер по деловна администрација од Скопје
Државната комисија за спречување на корупцијата ДКСК треба да продолжи да ја гради својата улога како независен и кредибилен коректив на избраните и именуваните лица, со јасни процедури, транспарентно работење и засилена превенција како основа за намалување на коруптивните ризици. Ова се заедничките оценки и ставови на кандидатите за член на антикорупциската комисија кои денеска се претставија пред членовите на собраниската Комисија за избор на член на ДКСК.

Имено, собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, преку Комисија за селекција со која претседаваше пратеникот Игор Здравковски, денеска спроведе јавно интервју со пријавените кандидати по одлуката за објавување јавен оглас за избор на член на Државната комисија за спречување на корупција. Огласот беше објавен откако Цвета Ристовска си поднесе оставка од функцијата член на Антикорупциска.
Во законскиот рок беа пријавени шест кандидати, од кои еден од не ги исполни услови на конкурсот, а кандидатката Марија Китанов Катралова не присуствуваше на јавната седница и согласно правилникот, нејзината кандидатура Комисијата за селекција ја отфрли.
Пред членовите на Комисијата за селекција, како и претставниците на невладини организации и институции, својата визија за мисијата на Државната комисија за спречување на корупцијата ја претставија Антонија Андонова-Тасевска, дипломиран правник и магистер по казнено право од Гевгелија; Владимир Клековски, дипломиран правник со положен правосуден испит од Скопје; Милка Муратовска од Струмица, дипломиран правник со положен правосуден испит магистер по казнено право; и Борче Стојановски, дипломиран економист и магистер по деловна администрација од Скопје, пренесе МИА.
Кандидатката Андонова Тасевска, која повеќе од 10 години работи во ДКСК како советник за испитување имотна состојба, истакна дека нејзината визија е Комисијата да се развие во силна, независна и професионална институција. Таа најави дека, доколку биде избрана, ќе се фокусира на јакнење на институционалниот интегритет преку јасни процедури, доследна примена на етичките стандарди и подобрени механизми за внатрешна контрола.
Најави поголема транспарентност, подобрување на аналитичкиот пристап во проверката на имотната состојба, како и дигитализација и континуирана едукација како предуслови за поефикасно спречување на корупцијата.
Таа нагласи дека нејзиното долгогодишно искуство, меѓународните обуки и компаративните практики стекнати во европски антикорупциски тела се значајна основа за придонес во работата на ДКСК.

Адвокатот Владимир Клековски, кој има повеќе од 20 години искуство во правниот сектор, истакна дека неговиот пристап е целосно усогласен со визијата и мисијата на ДКСК. Тој посочи дека Комисијата треба да го засили превентивниот аспект на својата работа, при што репресивните мерки треба да останат во надлежност на институциите со соодветни овластувања.
Неговата мисија, рече Клековски, е да се спроведат сите закони, мерки и политики, односно да се дојде до состојба на правна култура, на владеење на право и добро управување.
Како приоритети ги издвои реализацијата на Националната стратегија за спречување на корупцијата, како и активностите од Програмата за работа и Акцискиот план за 2026 година. Спроведување на препораките на ГРЕКО, особено оние што сè уште не се имплементирани – зголемување на глобите за прекршоци, активирање на регистарот на подароци и јакнење на капацитетите на Комисијата, се, исто така, дел од приоритетите.
Клековски потсети дека дел од неговите иницијативи пред Уставниот суд се усвоени, меѓу кои и иницијатива поврзана со правилникот за судир на интереси на ДКСК, со што бил коригиран неправилно дефинираниот круг на лица обврзани да поднесуваат изјава.
Кандидатката Милка Муратовска пред собраниската Комисија за избор го претстави своето образование, професионално искуство и начинот на кој го поврзува антикорупциското работење со заштитата на човековите права, оценувајќи дека јавниот интерес мора да биде во центарот на секоја антикорупциска постапка.
Рече дека од 2018 година е вработена во Народниот правобранител, каде што работи на предмети поврзани со граѓански состојби, државјанство, високо образование, судење во разумен рок и меѓународна соработка.
Муратовска истакна дека искуството во институцијата што ги штити човековите права ѝ овозможило да согледа како коруптивните практики влијаат врз граѓаните, особено врз младите. Таа посочи дека студентите често не пријавуваат неправилности поради недоверба во системот, што, според неа, е последица на корупцијата и неетичкото однесување во институциите.
„Корупцијата претставува злоупотреба на овластувањата на штета на јавниот интерес и секое коруптивно дејствие задира во човековите права“,
рече таа, додавајќи дека јавниот интерес мора да биде водилка во работата на ДКСК.
Муратовска ја потенцира превентивната улога на Комисијата, особено преку антикорупциската проверка на законите, која, како што рече, има значајно влијание врз квалитетот на законодавството и спречувањето ризици од корупција.
Таа оцени дека јавниот интерес и заштитата на човековите права треба да бидат основа на секоја антикорупциска постапка. Муратовска додаде дека работата во ДКСК ја гледа како продолжување на својата досегашна професионална мисија, заштита на јавниот интерес и јакнење на владеењето на правото. Прашана дали има некој член од семејството на некоја позиција во државата, Муратовска рече дека нејзината мајка е избрана и именувана како судија во апелациски суд.

Борче Стојановски, кој е долгогодишен вработен во Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), на сослушувањето пред собраниската Комисија за избор ја претстави својата речиси 11‑годишна работа во институцијата и ги изнесе областите во кои, според него, Комисијата може да постигне значајни подобрувања доколку биде избран за член.
Стојановски посочи дека во ДКСК работи од 2015 година, во Одделението за следење на имотна состојба, каде што е ангажиран целиот период. Тој е магистер по економски науки, со завршени бројни меѓународни обуки, меѓу кои програми за истражување корупциски измами, отворени извори, организациско погрешно постапување, етичко лидерство и финансиски истраги.
Кандидатот Стојановски истакна дека во ДКСК има можност за подобрувања во неколку аспекти, пред сè дигитализацијата која е почнат процес, но треба да биде на задоволително ниво. Посочи дека може да се подобри казнената политика на ДКСК, а со цел за утврдени неправилности да има поголеми санкции.
Тој нагласи дека е потребно јакнење на статусот на вработените и истакна дека мотивираниот кадар е предуслов за резултати. Според него, потребни се законски измени со кои вработените би добиле статус на антикорупциски службеници.
