„Ако правилно ја разбирам или ја толкувам терминологијата ’верижен пропуст’, тој може да се доведе во врска – ако едно дејствие предизвикало друго дејствие, тоа трето, и така натаму во една верига стигнало до штетната последица. Но, тие мора меѓусебно да бидат поврзани, што значи дека и првиот ќе се поврзе на крајот со последниот и тоа во теоријата на правото се вика каузалитет. За да има кривично дело, покрај место, начин и време на извршување на кривично дело, со умисла или небрежност, кои ги објасни обвинителот, треба да има и каузалитет. Сметам дека овде, за жал, каузалитетот е проблематичен кај одредени осомничени“, вели адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1
360°: Која би била Вашата генерална оценка за досегашниот тек на истрагата, базирана на тоа што е досега јавно и официјално соопштено?
Јошевска-Анастасовска: Генералниот впечаток за истрагата е дека таа се одвива брзо, односно предистражната постапка сега веќе прејдена во истрага, се одвива со голема брзина, со добра усогласеност помеѓу соодветните органи. Пред сè, мислам на МВР и Обвинителството, а особено ако се имаат предвид нивните меѓусебни несогласувања на кои бевме сведоци изминатиот период. Добро е што како граѓани чувствуваме дека тие несогласувања ги имаат ставено настрана и заедно се насочени кон една цел, а тоа е да се добијат што е можно повеќе сознанија во оваа рана фаза, за да може понатаму да работат во истрагата и да се откријат сите кои на каков било начин се директно и индиректно одговорни за оваа несреќа. Од тој аспект, формалниот впечаток е дека тече системски добро, одлично, со впрегнување на сите можни сили и верувам дека е така. Она што го добиваме како информација од Обвинителството е дека работат многу обвинители, а и останати органи на државната управа кои помагаат во добивањето на сознанијата. Тоа што поткрева дилеми од петокот навака е на кој начин Обвинителството се одлучува уште отсега да ги постави контурите на идното обвинение.
360°: Што треба да разбереме од наводите на државниот обвинител односно од теоријата на случај дека осомничените како соизвршители сториле „тешки дела против општата сигурност“ од член 292 од Кривичниот законик (КЗ) во врска со член 288 од КЗ и дека во периодот од 2012 година до 16 март 2025 година, денот на трагедијата, заеднички, но секој од аспект на своето својство, надлежности и одговорности воопшто не постапиле според прописите за мерките за заштита и со тоа предизвикале опасност за животот и телото на луѓето и имотот од големи размери. Како соизвршители, сите се гонат за едно исто дело, што значи тоа?
Јошевска-Анастасовска: Најнапред, како увертира, во една реченица за јавноста да сфати, обвинителот во петокот, ова вие што го прочитавте е наредбата за спроведување на истрага, која во принцип и праксата така покажува, е едно кроки за идното обвинение. И тоа така треба да биде бидејќи обвинителот, Обвинителството, во наредбата за истрага ги поставува темелите за тоа како ќе ја води доказната постапка, односно кои докази ќе ги прибира за да може да стигне до обвинение кое ќе биде издржано пред судот.
360°: Сакате да кажете дека ова, на некој начин, утре ќе биде основата на обвинението?
Јошевска-Анастасовска: Да. Е сега, затоа е многу важно во оваа рана постапка да дискутираме. Зборовите што вие ги повторувате се навистина многу важни. Тие значат дека сите 27 споменати лица кои се поделени во одредени групи во согласност со пропустите за кои Обвинителството смета дека ги направиле, не одговараат во рамките само на своите дејствија, туку сите, како соизвршители, одговараат за едно кривично дело и за една штетна последица, а тоа е трагедијата што се случи. Тоа значи дека обвинителството се одлучува да прави еден голем предмет, барем во оваа рана фаза на постапката така изгледа, во кој ќе има многу обвинети. Тоа самото по себе покренува многу дилеми бидејќи и во Македонија и општо, историјата покажува дека мегапредметите со многу обвинети имаат проблеми во понатамошниот тек од постапката, особено кога ќе влезат во суд, особено од аспект на права на одбраната, од аспект на разноразни права кои мора да им се дадат. Тоа ја прави постапката долга, тешка, тромава, со многу рочишта итн.

360°: Првата оценка е дека се одлучиле сите да одговараат за едно кривично дело, значи дека се одлучиле за еден голем предмет.
Јошевска-Анастасовска: Втората оценка е дека Обвинителството прави некаква поврзаност за пропустите кои ги направиле лица кои имале мандат, кој почнал, траел и завршил – да ги поврзува со штетна последица која не настапила во рамки на временскиот период во кој тие ги имале овие должности.
360°: Тоа можеби правно е највпечатливиот дел од наредбата за истрага во која се зборува за „верижни пропусти“ во периодот од 2012 година до 16 март 2025 година.
Јошевска-Анастасовска: Ако правилно ја разбирам или толкувам терминологијата „верижен пропуст“, тој може да се доведе во врска – ако едно дејствие предизвикало друго дејствие, тоа трето, и така натаму во една верига стигнало до штетната последица. Но, тие мора меѓусебно да бидат поврзани, што значи дека и првиот ќе се поврзе на крајот со последниот и тоа во теоријата на правото се вика каузалитет. За да има кривично дело, покрај место, начин и време на извршување кривично дело, со умисла или небрежност, кои ги објасни обвинителот, треба да има и каузалитет. Сметам дека овде, за жал, каузалитетот е проблематичен кај одредени…
360°: Тргнавте во одговорот на претходното прашање тоа да го објаснувате. На пример, поранешниот градоначалник Ратко Димитровски, во 2017 година му завршил мандатот. Е, сега, и тој директно се доведува во врска со пожарот, според вака поставената наредба за истрага.
Јошевска-Анастасовска: Да, тоа е невозможно, да речам, вака со овие сознанија кои сега ги имаме од Обвинителството. Можеби имаат други сознанија, не знам, но од ова што се пласира, а немаме повеќе детали, некој да одговара за нешто што во рамки на неговиот мандат, кога ги имал тие должности и одговорности, да речеме ги направил тие пропусти, но немало никаква штетна последица од неговите пропусти, да одговара за нешто десет години подоцна, тоа е тешко докажливо, не може да се поврзе.

360°: Притоа, претпоставувам дека не мислите дека тие не треба да одговараат за друго кривично дело?
Јошевска-Анастасовска: Така е. Значи, секој што на некаков начин, нели, се користи терминологијата – замижал пред пропустите, или се работи за корупција, тука се спомнуваат поткупи и така натаму, секој треба да одговара во рамките на своите дејства. Има кривични дела за коишто тие можат да одговараат, но за жал, во описот на ова кривично дело – „предизвикување општа опасност“ поврзано со „тешки дела против општата безбедност“, бидејќи тие се двете во врска, не може да се поврзат овие пропусти со крајната штетна последица. Е, сега, за да дадам пример – ако јас возам автомобил од 2012 година со кој не поминувам на регистрација, односно не поминувам на технички преглед и тој е реално неисправен, односно немам потврда дека е исправен…
360°: Или имате фалсификувана потврда, фалсификувана сообраќајна…
Јошевска-Анастасовска: Или некој таму замижувал пред техничкиот преглед на разните пропусти што ги има во мојот автомобил. Јас го возам од 2012 до 2024 г., но додека го возам, имам среќа – не предизвикувам штетна последица, не прегазувам никого, не повредувам никого.
360°: А потоа го преземам јас.
Јошевска-Анастасовска: Потоа го преземате вие во 2024 г. и на вас ви откажуваат кочиците и вие прегазувате пешак. Јас не можам за вашата жртва да одговарам, ниту, пак, тие коишто мене ме пропуштиле, бидејќи тој автомобил секоја година се регистрира, секоја година оди на технички преглед. Тие што мене ме пропуштиле може да одговараат бидејќи несовесно работеле во службата и за тоа има соодветно кривично дело. За жал, обвинителството дали во желба да одговори на овие потреби на јавноста дека овде треба да бидат запретени високи казни зашто трагедијата е навистина голема, а кај несовесното работење имаме мали казни, имаме скратена постапка, имаме предлог итн., не се одлучило секој во своите дејствија да одговара и со тоа да се испорача брза и ефикасна правда и да се даде порака дека навистина секој ќе одговара за своето, но ќе одговара во рамки на соодветна правна квалификација, туку, конфекциски, решило да ги стави сите во едно дело и на тој начин да обезбеди притвори и големи казни, но тоа не ги задоволува потребите на правда.
360°: Добро, ајде сепак да им дадеме шанса, да видиме како ќе ја водат истрагата до крај, до што ќе ги доведе таа, во истрага може да дојде и до преквалификација на кривичното дело, така?
Јошевска-Анастасовска: Апсолутно, апсолутно.
360°: На крај, обвинението да биде сосема поинаку поставено.
Јошевска-Анастасовска: Апсолутно, треба да им дозволиме и да поработат и, да кажам, дека внимателно ги следев и зборовите на обвинителот, тој се користи со терминологија – во оваа фаза, во овој момент, сега ќе биде вака, така…
360°: Е сега, во врска со примерот со автомобилот, јас тие дилеми ги проверував и со други правници и тие велат дека кога се зборува за верижни пропусти – да, тоа е едниот можен пристап, но, на пример, еве да претпоставиме случај со брана којашто почнала да напукнува пред петнаесет години. Одговорните за браната секоја година во извештаите тоа не го бележеле, но таа пукнатина сè повеќе растела и во еден момент браната пукнала, предизвикала голема штета, загинати… Во овој пример, веројатно, врската многу полесно може да се направи и со тој што бил пред петнаесет години одговорен и со тој што денес бил одговорен, така?
Јошевска-Анастасовска: Апсолутно, значи тука имаме поврзаност.
360°: Сега прашањето е само дали овој случај е поблиску до примерот со браната или до примерот со автомобилот што вие го спомнувате?
Јошевска-Анастасовска: За жал, ние вака теоретизираме без да имаме доволно сознанија, но што е право и обвинителот на потпрашање на новинарите не одговори соодветно, рече – кажав, а ништо не одговори. Па, се надеваме дека ќе ги расчистат овие дилеми или во текот на истрагата ќе обрнат повеќе внимание бидејќи поентата е секој да одговара, не е поентата да се заземе одмазднички став.
360°: Деталниот увид во наредбата за поведување истражната постапка открива уште нешто друго. Тоа е дека иако се зборува за „верижни пропусти“, од веригата на осомничени се исклучени актуелни директори, на пример, на Државниот пазарен инспекторат, на Дирекцијата за заштита и спасување… Има прекинување на веригата и кај одговорноста на полициските службеници на ниво на СВР Штип и на Полициска станица од општа надлежност Кочани. Конкретно, на двајцата поранешни директори на Државниот пазарен инспекторат им се става на товар тоа што не направиле инспекциски надзор во т.н. кабаре во приодот од 9 јануари 2020 до 16 март 2025. Е сега, независно што нема објаснување зошто тој период почнува токму на 9 јануари 2020, нема објаснување ниту зошто со истрагата не е опфатен актуелниот директор на Државниот пазарен инспекторат иако обвинителството го зема предвид и периодот во кој тој директорува со таа институција. Дали овие дилеми се релевантни?
Јошевска-Анастасовска: Апсолутно се релевантни, покренуваат прашања, но она што е важно е дека на обвинителството му се сервираат информации од страна, значи тој поднесува барање и му даваат известувања. Сите институции во државната управа.

360°: На почетокот беше соопштено дека МВР има една општа наредба да приведува сè за што смета дека може да биде поврзано со случајот.
Јошевска-Анастасовска: На друго мислам. Мислам дека на истата прес-конференција пред пет-шест дена, обвинителот кажа дека има централизирано тело кое се вика Инспекциски совет и дека се обратиле со барање, и оттаму добиваат известувања за тоа кој какви должности имал и кој какви евентуални можни пропусти направил бидејќи не може се очекува обвинителството да знае сè од управната поставка и сè од управните надежности кои ги имаат органите. И дозволувам да постои одговор на овие дилеми кои најверојатно Инспекцискиот совет ги анализирал – кој, во рамките на своите надлежности, од тој период до тој период, направил некои пропусти.
360°: Но, ние досега ги немаме слушнато.
Јошевска-Анастасовска: Ги немаме. Па, тие на некаков начин процениле дека, бидејќи тука стандардот кој е – знаел или можел да знае раководителот, непосредно повисокиот тој што ја раководи целата служба. Се надеваме дека во наредниов период, бидејќи истрагата ќе тече, ќе добиваме повеќе сознанија како што обвинителството ќе смета дека може да ги споделува бидејќи нели, знаете, тоа е така.
360°: Министерството за внатрешни работи беше прашано конкретно за актуелниот директор на Државниот пазарен инспекторат, но од министерот на последната прес-конференција немаше конкретен одговор. Но, да дозволиме да видиме.
Јошевска-Анастасовска: Тие одговори малку сугерираат на дилема за евентуална селективност или штитење и ги разбирам тие загрижености и ги имам јасно во оваа рана фаза, се надевам дека не се и дека понатаму ќе добиеме соодветни образложенија, но навистина се загрижувачки и се дилеми.
360°: Може ли да се прогнозира дали ќе има проширување на истрагата и дали од искуство може да се проценува во колкав период таа може да заврши ?
Јошевска-Анастасовска: Има законски рок за траење на истрагата и јас се надевам дека во рокот од шест месеци тие ќе стигнат зашто најавија брза истрага, а досега, според екипираноста, тоа и го испорачуваат. Голем јавен интерес има за овој предмет и мислам дека дури и пред шест месеци ќе завршат со истрагата иако има обемни докази. За тоа дали може да се проширува кон други лица, а пропо ова сега што го зборуваме – можно е, не е исклучено. Зависи од тоа какви сознанија ќе добиваат, секако, законски е дозволено и да исклучат лице и да вклучат лица независно што биле претходно вклучени во наредбата за истрага.