Раководителот на Канцеларијата за интеграција на Ромите при Советот за регионална соработка го детектира антиџипсизмот како корен на сите проблеми со кои се соочуваат Ромите, а за справување со него, нагласува тој, потребна е политичка волја, ефективна правна рамка, инклузивни политики и долгорочна посветеност на интеграција, учество и еднаквост
Меѓу податоците кои ги споделува нашиот соговорник за состојбата на Ромите во Северна Македонија се: само 22 проценти се вработени – најголем дел во нископрофитни професии; дури 61 отсто живеат во пренаселени станбени единици; десет отсто од Ромите не се ни приклучени на водоводна мрежа; 26 отсто немаат тоалет; седум отсто се без струка

Додека Северна Македонија сè уште го чека усвојувањето на новата Национална стратегија за инклузија на Ромите, разговаравме со г. Орхан Усеин, раководител на Канцеларијата за интеграција на Ромите при Советот за регионална соработка.
Проектот за интеграција на Ромите го лансираше Советот за регионална соработка и е финансиран од Европската Унија и Фондацијата Отворено општество. Целта на проектот е да ја забрза инклузијата на Ромите во Западен Балкан преку исполнување на целите поставени во Познанската декларација. Познанската декларација претставува збир на основни прашања кои многумина ги земаат здраво за готово, но за Ромите тие претставуваат голем предизвик: можности за вработување, пристап до образование, здравствена заштита, домување во пристојни услови и легални населби, поседување лични документи, недискриминација. Декларацијата ја усвои и Северна Македонија.
360°: Владата на Северна Македонија неодамна ја усвои новата програма за работа за периодот 2022-2024 година. Дали Ромите го добија заслуженото внимание во овој документ?
Усеин: Новата програма за работа што ја претстави Владата на Северна Македонија има посебен дел посветен на Ромите. Тоа, секако, е за пофалба. Жално е што програмата не содржи конкретни, мерливи цели кои би ни покажале до кој степен Владата планира да ги постигне целите што ги презеде со Познанската декларација, но ја потврдува посветеноста на оваа Декларација и на интензивирање на процесот на усвојување на новата Национална стратегија за Ромите до 2030 година. Акцијата за интеграција на Ромите обезбеди техничка и експертска поддршка за овој процес, вклучително и собирање на јавни институции и граѓански здруженија за да разговараат за стратешките приоритети: антиџипсизам, образование, вработување, домување, граѓанска регистрација, здравство и култура.
Владата, исто така, беше отворена за прилагодување на новата Стратегија кон целите на Рамкаката за Ромите за еднаквост, вклучување и учество, претставена од Европската комисија во октомври 2020 година и на Познанската декларација. Ова значи еден чекор поблиску до пристапувањето кон ЕУ, барем кога станува збор за исполнување на целите поврзани со интеграцијата на Ромите.
Службениците си ја завршија работата, но сè уште се чека усвојување на изготвената верзија, која ни е итно потребна. Со најавата на Владата дека ќе ја подобри институционалната рамка со формирање на нов сектор задолжен за спроведување, како и со назначување на одговорни лица и тимови во ресорните министерства, се надеваме дека Северна Македонија ќе го забрза процесот на интеграција на Ромите.
360°: Домувањето е важен дел од Познанската декларација. Многу Роми во Северна Македонија сè уште живеат во услови кои се под стандардот за пристоен живот, но неодамнешна физибилити студија за домување за Куманово и Штип дава одредени решенија.

Усеин: 61 процент од Ромите во Северна Македонија живеат во пренаселени станбени единици, во споредба со 27 отсто од луѓето кои не се од ромска припадност. Повеќето станбени единици населени со Роми се во многу лоши услови, изградени од несоодветни материјали, со висока влага, без прозорци или врати, без основен мебел, струја, вода или канализација. Десет проценти од ромските домаќинства не се приклучени на водоводна мрежа, 26 отсто немаат тоалет и 7 отсто немаат струја. Иако немаме точни податоци, се проценува дека околу 30 проценти од Ромите не ги поседуваат или нелегално ги користат своите живеалишта, што е можеби клучниот проблем, поради сигурноста на поседот. Имено, сите овие Роми во секое време можат насилно да бидат иселени и да останат без покрив над главата. Зборуваме за деца, жени, стари, цели семејства.
Неодамна изработивме одлична физибилити студија за домувањето на Ромите во Штип и Куманово. Кога би се направиле слични студии за цела Северна Македонија и би се имплементирале решенијата предложени во нив, многу прашања може да се решат, од инфраструктура, земјени патишта, до социјални станови и легализација. Неодамна имавме одлично искуство во Србија, каде што заедно со Јуром Центарот поддржавме легализација на 50 ромски куќи во Ниш и Лесковац. Огромен беше интересот на Ромите кои сакаа да ги легализираат своите домови, а квотата се пополни уште првиот ден. Планираме оваа активност да ја прошириме и во Северна Македонија во првата половина од оваа година.
Соодветното домување е основно човеково право и почетна точка за подобрување на сите други аспекти од животот, зголемување на шансите за пристап до подобро образование, а подоцна и на пазарот на трудот. Животот во слабо развиени населби со лошо изградени куќи, без пристап до вода, канализација, без асфалтирани патишта и без електрична енергија придонесува за нееднаква почетна позиција и можности за живот во споредба со други поединци кои живеат во развиени области.
Треба да истакнеме и дека за време на пандемијата со ковид-19, кога карантините, изолацијата и целосните затворања (локдауни) беа клучните мерки, Ромите беа принудени да останат во своите домови кои често не ги исполнуваат основните стандарди, како што е пристапот до чиста вода. Toa, само по себе, беше предизвик за време на пандемијата, не само затоа што луѓето страдаа без вода, туку затоа што од нив се очекуваше да ги подигнат своите хигиенски напори без вода. Кризата ни ги отвори очите пошироко за потребата од подобрување на домувањето на Ромите што е можно поскоро.
Ова е причината зошто домувањето беше важен дел од Познанската декларација. Таа за цел поставува легализирање на сите населби во кои живеат Роми, доколку е можно, или обезбедување пристојно домување за Ромите кои моментално живеат во супстандардни населби. И лидерите на Северна Македонија ја усвоија Декларацијата и се обврзаа да работат во насока на исполнување на целите.
360°: Работењето во неформалниот сектор е, исто така, еден од големите проблеми со кои се соочуваат Ромите во Северна Македонија. Дали мислите дека се прави доволно за подобрување на работните услови за Ромите?

Усеин: Само 22 проценти од Ромите во Северна Македонија се вработени, најмногу во нископрофитни професии, како што се хигиеничари или физички работници. Се разбира, поголем дел од Ромите остваруваат приходи, но тие работат во сива економија. Значителен дел од Ромите се потпираат на социјалните бенефиции во комбинација со неформална работа за да обезбедат егзистенција. Многумина од нив издржуваат цели семејства само со една плата, која често не е доволна ниту за еден човек. Работењето во неформална економија носи нови проблеми за Ромите. Неформалните работници немаат здравствено осигурување, социјални надоместоци и пензија. Тие не се заштитени на никаков начин и не можат да бараат никакви права што произлегуваат од законите за работни односи.
Со наша помош, Владата на Северна Македонија ја усвои Националната програма за трансформација на непријавената работа кај Ромите. Целта е да се намали непријавената работа кај Ромите од 39% на 25% до 2025 година. Тоа вклучува неколку компоненти, како што се создавање правна околина погодна за трансформација на непријавената во пријавена работа, директна институционална поддршка на непријавените работници Роми преку користење на постоечки и нови мерки за невработеност и следење на постигнатите резултати. Северна Македонија поставува амбициозна цел за стапката на вработеност на Ромите од 35 отсто пред економијата да се приклучи на Европската Унија. Трансформацијата на непријавената работа во пријавена може да помогне да се постигне оваа цел побрзо. Многу сме задоволни што Владата на Северна Македонија се согласи да ја усвои оваа важна програма со наша поддршка и подготвени сме да ја поддржиме нејзината имплементација.
Една од важните причини зошто Ромите се соочуваат со толку висока стапка на невработеност е антиџипсизам. Според најновите податоци од Балкан барометар, истражување на јавното и деловното мислење кое еднаш годишно го спроведува Советот за регионална соработка, 26% од работодавците во Северна Македонија изјавиле дека не би вработиле Роми, без оглед на нивните квалификации, а 8% веруваат дека вработување Роми во нивната компанија би имало негативно влијание врз работната средина. Во економија каде што наоѓањето работа е и онака тешко, ако сте Ром, тоа е уште поголем предизвик. Затоа сме посветени на борбата против антиџипсизма, како основна причина за проблемите со кои се соочуваат Ромите.
360°: Говор на омраза, антиџипсизам, полициска бруталност, институционална дискриминација. Сето ова се проблеми со кои Ромите се соочуваат, би рекол дури и на дневна основа.

Усеин: Антиџипсизам и дискриминацијата кон Ромите започнуваат уште од рана возраст, кога децата Роми се запишуваат на училиште и често се ставаат во посебни или сегрегирани училишта или паралелки. И тоа се случува во целиот регион и пошироко. Во 21 век, среде демократски општества, во Европа, ние ги делиме децата врз основа на нивната етничка припадност – зарем тоа не е вознемирувачко? Тоа продолжува со присилно иселување на ромските семејства без да им се понуди соодветно решение и алтернативно домување, дискриминација на работа и во здравствени и јавни институции. Неодамна имавме полициска бруталност над Ромите, како и етничко профилирање на границите. На сето ова треба да се стави крај.
Антиџипсизам со причина е ставен многу високо на агендата на Европската Унија. Наскоро ќе го објавиме нашето истражување за борбата против институционалниот антиџипсизам. Јасните податоци ни даваат поголема слика и можат да послужат како насоки во борбата против антиџипсизам, а исто така можат да помогнат во креирањето нови политики поврзани со борбата против антиџипсизам. Според истражувањето, говорот на омраза и делата од омраза се сметаат за главни прашања. Над 87% од испитаниците се согласуваат или делумно се согласуваат со изјавата дека Ромите се цел на говор на омраза и дела од омраза. Главен проблем е и дискриминацијата на пазарот на трудот, како и пристапот до основната инфраструктура. Загрижуваат и еколошките прашања, бидејќи над 83% од испитаниците сметаат дека Ромите се изложени на големо загадување.
Како што реков, антиџипсизам е коренот на сите проблеми со кои се соочуваат Ромите, а за справување со него потребна е политичка волја, ефективна правна рамка, инклузивни политики и долгорочна посветеност на интеграција, учество и еднаквост. Економиите во регионот имаат законски рамки против дискриминација, но тие треба да се зајакнат и да се прилагодат на стандардите на ЕУ и соодветно да се имплементира законодавството. Во тие рамки треба да се вклучи и антиџипсизам, а јавните службеници треба да бидат обучени да го препознаваат. Ромите треба да бидат вклучени во одлучувањето за сè што е поврзано со нив. Ромскиот јазик треба да се чува и негува. Институциите треба да го признаат Меморијалниот ден на холокаустот на Ромите, кој го одбележуваме на 2 август. Сите случаи на полициска бруталност треба да се санкционираат.
Антиџипсизам и исклученоста на Ромите не се проблеми само на ромските заедници, туку и на целото општество. Зголемувањето на стапката на вработеност и продуктивноста на Ромите би го зголемиле вкупниот БДП во регионот. Повеќе вработени Роми значи помалку од нив што се потпираат на социјална помош. Повисоките плати и трансформацијата на непријавената во пријавена работа би имала долгорочен позитивен ефект за носење дополнителни фискални приходи. Исклучувањето на граѓаните Роми нè чини сите и затоа сите треба да работиме понапорно на заедничката цел – да ги поддржиме Ромите да го скршат маѓепсаниот круг на сиромаштија, исклученост и дискриминација.