Остатоци од канцерогениот линдан од ОХИС се депонирале и на локалитетот Пеленица, над скопско Драчево, покажаа официјалните испитувања на Министерството за животна средина. Отпадот несоодветно се депонирал на локацијата во 1976 година, кога работел хемискиот гигант. Министерот Насер Нуредини во „360 степени“ на ТВ Алсат вечерва изјави дека резултатите покажуваат висока контаминираност на теренот.
„За жал, податоците говорат дека има загадување. Денеска ги добивме сите анализи и треба да ги разгледаме сите тие, но контаминирано е, и тоа високо, и ќе преземеме соодветни мерки. Ова е и позитивно и негативно. Негативен е фактот што постои дека земјиштето е загадено со линдан и други материи во оваа локација. Позитивното е тоа што ние како Министерство откога сум дојден јас тука, сум побарал да го измениме Законот за животна средина, со цел ние да почнеме да истражуваме жешки точки во нашата држава, за еднаш и засекогаш да знаеме кои локации се загадени и да обезбедиме да нема негативно влијание кај граѓаните кои живеат околу тие точки“,
кажа Нуредини во вечерашното гостување на „360 степени“ и посочи дека освен за земјиштето, министерството ќе се погрижи и за подземните води.

Ресорниот министер рече и дека најбрзо што може ќе се распише тендер за повторно поставување на информативна табла и целосно оградување на парцелата, откако претходната табла ја снема, а дел од жицата беше украдена – дел урната, за луѓето да го пасат добитокот на таа локација. Ресорното министерство веќе размислува и за чистење на теренот.
„Ќе одиме чекор по чекор како што треба, ќе го изготвиме целиот план за ремедијација, ќе чини пари, но ќе се изготви план за рехабилитација, како што сме направиле измена во законот, потоа да видиме колку ќе чини. Ние ги немаме првите бројки, во однос на тоа колку ќе чини чистењето на ова. Но, треба да сме свесни дека ова чини многу пари, како што е сега чистењето на локацијата во Охис, инвестираме над 8 милиони евра за тие базени таму. Сега, не знам, не можам да проценам колку е точно тоа, затоа што, како што ви реков, ја разгледуваме целата анализа, но не е важно колку чини, важно е ние да бидеме готови со планот за рехабилитација, потоа нормално со меѓународниот фактор ќе се потрудиме да добиеме грант компоненти за да го исчистиме ова“,
вели Нуредини.

„360 степени“ пред четири години објави документ од „Охис“, магистерски труд и еколошки план на Општина Кисела Вода – три индикации што укажуваа дека депонија со линдан има и надвор од кругот на фабриката. Истата година Министерството за образование ги забрани училишните екскурзии на овој локалитетот, а Министерството за животна средина ја огради и означи потенцијалната депонија. Сега таблата ја нема, а дел од оградата е уништена.
Првите сознанија за потенцијалната токсична депонија на Пеленица во 2018 година ги добивме од Сретен Стојковски, поранешен вработен во ОХИС, кој сега е директор на Државниот инспекторат за животна средина од редовите на партијата ДОМ.
„На истиот начин како што е складиран во ОХИС и овде е донесен, ставен, затрупан со земја и така е оставен. Нема од тој период мониторинг на локацијата што се случува, во каква состојба се бурињата, дали се распаднати, какво е влијанието на линданот врз подземните води, нема мониторинг направено“,
сведочеше тој пред камерата на „360 степени“ пред четири години.

Сознанијата беа значајни бидејќи стануваше збор за познато излетничко место, на кое често пасел добиток, а подземните води се користеле од мештани преку бунари.
Четири и пол години подоцна, на почетокот на ноември годинава, ресорното министерство почна еднонеделно, теренско испитување на Пеленица, по што следуваа денешните резултати.