„Не е само трансплантација на кожа…, туку и лузните што остануваат на тие места може да предизвикаат одредени контрактури на зглобовите. И физикалната терапија е многу важна тука, да работи заедно со нас за да имаме подобри и понамалени компликации.“, вели директорката на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, Јасмина Ѓоргиевска-Павловска, во гостување во емисијата „360 степени“ на МРТ 1
360°: Колкумина во моментов се хоспитализирани на Клиниката за пластична хирургија?
Ѓоргиевска-Павловска: Прво, да им изразам сочувство на фамилиите чии деца починаа. Кај нас моментно се шест деца, од кои три, сега само што се слушнав пред да влезам во студио, ќе се пуштаат дома, имаат добри токсиколошки анализи. Треба да кажам дека веќе преврските се прават на два-три дена, не се за секојдневна преврска и тоа е веќе договорено како за понатаму ќе биде нивниот третман и остануваат уште три кои ќе видиме дали утре или во наредните денови ќе бидат препратени дома, сè зависи од токсиколошките анализи што им се прават секојдневно за да видиме дали може да ги пуштиме дома.
360°: Тоа не значи дека ќе останете без работа со повредени во пожарот, бидејќи е најавено враќање на дел од повредените од странство и некои од нив ќе бидат хоспитализирани кај вас на Клиниката.
Ѓоргиевска-Павловска: Веќе има најава за отпуштање од странство, првите мислам дека ќе пристигнуваат од среда па натаму, ќе ги очекуваме и мислиме дека првите што ќе пристигнат се тие кои беа релативно полесно повредени, односно последните кои ги испративме во странство и полека ќе се враќаат кај нас. Тие ќе бидат првично хоспитализирани еден-два дена, во зависност каква е нивната состојба. Доколку има поекстензивни изгореници, ќе останат и подолго за лекување кај нас на нашата клиника.

360°: За какви повреди станува збор кај тие луѓе?
Ѓоргиевска-Павловска: Зборуваме за изгореници од втор до трет степен. Значи изгорениците се на главата, вратот и на рацете, најголемиот дел што бил изложен на термичкиот агенс. Првично, кога се јавија утрото во неделата, тоа што го видовме, беа брза евалуација на степенот на изгореници и многу малку беа од полесен степен. Најголем дел беа втор и подлабок, трет степен на изгореници, што веќе се покажува и со понатамошните преврски што ги имаме кај нас.
360°: Дали имаат изгореници и на дишните патишта?
Ѓоргиевска-Павловска: Кај сите пациенти беше направена и бронхоскопија, каде што се најдоа и изгореници и налепи од некој материјал во самите дишни патишта и плус токсиколошкиот дел, вдишувањето на јаглерод моноксид мислам дека дејствувало уште полошо од самите изгореници на пациентите. Практично, беше соопштено дека жртвите починале како резултат на задушување.
360°: Каков е текот на лекувањето кај овие луѓе, се спомнува трансплантација на кожа итн. Кои се следните етапи, колку е сложен тој процес?
Ѓоргиевска-Павловска: Малку посложен. Излеговме храбри и одлични на првиот предизвик што го имавме, а тоа беше на првиот ден во неделата, кога се екипиравме и ја дадовме првата помош, да сите преживеани деца да бидат уште живи, се даде соодветна терапија, третман во првите часови од повредите за кои сите сме благодарни на целиот тим, и медицински и немедицински персонал, кој беше на клиниката. Да не кажам за половина час веќе 70 отсто веќе беа на работни места. Тоа лечење ќе трае подолго.
360°: Месеци или години?
Ѓоргиевска-Павловска: Месеци и години. Поради тоа што подлабоките изгореници, не е само трансплантација на кожа која ќе се направи во првите денови, или да кажам понатамошниот третман, туку и лузните што остануваат на тие места може да предизвикаат одредени контрактури на зглобовите… И физикалната терапија е многу важна тука, да работи заедно со нас за да имаме подобри и понамалени компликации.

360°: На вашата клиника се работи и естетска хирургија, дали медицината е отидена доволно напред за на овие млади луѓе да не им останат последици за цел живот кои ќе ги фрустрираат во секојдневието?
Ѓоргиевска-Павловска: Секако дека ние и досега ги работевме, само тие беа спорадични случаи кои сме ги имале, еден или двајца, значи ваков налет на изгореници, од 130-140 наеднаш, ниедна земја нема добиено. Ќе има некои поголеми, да кажам, подолгорочни третмани на тие пациенти, но секако дека во естетиката веќе сме во тек со времето, во повисок дел, каде што решавањето на тие компликации би било на светско ниво, со нивните стандарди бидејќи има протоколи по кои и ние одиме како и целиот свет. Има протокол за изгореници, така што и ние ги следиме и сме во тек. Сè што има светот и ние го имаме.
360°: Дојдоа колеги од Израел, беа јавно експонирани, тимови од Чешка и од други држави…
Ѓоргиевска-Павловска: Најпрво дојдоа од ВМА, од Србија, бидејќи не се знаеше колку од децата… дојдоа колегите со тим од пластичен хирург и анестезиолог, нешто што е најпотребно во такви катастрофи. Никој не знаеше дали ќе останат тие деца кај нас или ќе успееме да ги препратиме во центрите кои се во околината, најпрвин во околните држави.
360°: Во таа комуникација, кое е вашето сознание, каде е нашиот здравствен систем во споредба со системите и знаењето на докторите од тие земји од кои дојдоа да помогнат?
Ѓоргиевска-Павловска: Не можам да кажам дека знаењето на нашите беше помало, напротив можам да кажам и поголемо во некои случаи, ние без никакви вежби за вакви катастрофи направивме преубава селекција и предобра организација во најситните часови на несреќата за да може да се селектираат пациентите што треба да излезат и на кои им треба интензивна нега и каде што ќе имаат соодветна нега, бидејќи ниту еден центар не прифати сто и педесет. Сите прифатија по три, пет, десет за да може да им дадат соодветна нега.

360°: Имаа ли лекови и апаратура која можеби вие ја немате, а ја донесоа со себе?
Ѓоргиевска-Павловска: Сè имавме што ним им требаше. Тоа што побараа, сè добија. Ние ги работевме пациентите, тие ни беа само супервизори за она што ние го правиме и затоа бевме пофалени, мислам дека сите беа изненадени од начинот, пристапот и третманот што ние им го понудивме на нашите пациенти овде во Македонија.
360°: Можеби делумно го дадовте одговорот на тоа прашање, но еве да го поставам. Дали сметате дека беше донесена правилна одлука со тоа што беше решено дел од пациентите да бидат префрлени во странство?
Ѓоргиевска-Павловска: Мислам дека подобро и не можеше да биде, бидејќи, кога почнаа да доаѓаат, наеднаш дојдоа 30 пациенти за 2 часа на кои нагло им влошуваше состојбата. Ние ги имаме капацитетите, но не знаевме уште колку ќе дојдат кај нас бидејќи не знаевме колку точно има изгорени, дали има преживеани во Кочани, исто така, кој ќе биде префрлен кај нас и мислам дека одлуката за децата да бидат однесени надвор им е шансата за да можат да останат живи и да им се даде соодветна нега, особено на оние со повисок степен изгореници бидејќи наеднаш сите ние дававме прва помош која ги спаси за да може да одат понатаму, да преживеат и да одат до тие центри.
360°: Дали секој пластичен хирург знае да третира изгореници? Знаеме дека супспецијализирате во некои гранки, па може ли секој пластичен хирург да го прави тоа?
Ѓоргиевска-Павловска: Тоа е основата на пластичната хирургија, не е само естетиката, како што сите гледаат, естетиката е нов тренд, но секој пластичен хирург првин поминува специјализација која е од реконструктивен дел, третирање карцином, изгореници, дефекти, микрохирургија, реконструкции на дефекти од изгореници и од други повреди, така што секој хирург што ќе ја добие лиценцата за пластичен хирург, тој е веќе со знаење како треба да се третира сè тоа.
360°: Прашањето за специјализиран центар за третирање изгореници беше повеќепати отворено неделава. Историски гледано, во земјава имало, првично во поранешната Воена болница, па во поранешната Градска болница. Според вас, треба ли специјализиран центар за изгореници?
Ѓоргиевска-Павловска: Таа идеја беше кажана уште пред Нова година, за одредени третмани кои би можело да се направат, но ние и да го имавме во моментов, ќе можевме четири или пет пациенти да примиме. Најголемиот центар за изгореници е во Прага, и тоа на ниво на Европа, и има само педесет кревети. Ние имавме 135 пациенти кои дојдоа со изгореници кои треба да се третираат. Така што, и во Прага да беа, немаше да можат сите да бидат прифатени и да имаат соодветна нега каква што им е потребна. Така што и со тој центар ние би можеле само четири или пет потешки пациенти да прифатиме, другите би требало сепак да бидат третирани надвор до стабилизирање на нивната состојба, а потоа кога се стабилни не е проблем да бидат третирани и кај нас.