Според меѓународната консултантка за родови прашања, Флоренс Гану, партиските раководства дискреционо одлучуваат за номинираните лица за владата, високите државни функции и други носители на јавни функции. Вели дека партиии треба да ги отстранат пречките за еднаква родова застапеност на лидерските позиции во и надвор од партиите, како и за да соодветно се интегрира родовата перспектива во рамки на партиите, и притоа да не се сведе само на бројки
Гану е ангажирана во рамките на проектот „Поддршка на изборните реформи во Северна Македонија“, финансиран од Владата на Швајцарија и имплементиран од Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), чија цел е да промовира демократски и кредибилни изборни процеси кои го олеснуваат политичкото учество и социјалната интеграција, овозможувајќи им на гласачите да ги изберат своите претставници и да ги повикаат истите на одговорност
Eдинствената пречка за позитивна перцепција за женското лидерство во С Македонија се сведува на отсуството на поддршка од политичките партии за жените кандидатки.
Ова се резултатите од анализата која ја правела меѓународната консултантка за родови прашања, Флоренс Гану, која беше во посета на земјата во периодот од 18 до 22 септември, кога остварила повеќе од 15 средби со претставници од различни политички партии, вклучувајќи и повеќе средби со пратенички во Собранието, со цел да обезбеди насоки и експертиза за прашања поврзани со родовата застапеност на изборите и во рамките на политичките процеси.
„Истражувањето покажа дека трите најважни критериуми за избор на машки и женски кандидати се: 1) претходни достигнувања; 2) социјално потекло, образование и професионално искуство; и 3) доколку го познаваат/му веруваат на лицето. Од една страна, партиските програми/прашања, политичката припадност и кампањата се до одредена мера поважни кога се избира машки кандидат. Од друга страна, родот, брачниот/семеен статус и физичкиот изглед до одреден степен се поважни за избор на женски кандидатки“,
вели Гану.

Задача на консултантката беше да ги истражи факторите кои го поддржуваат или го попречуваат целосното ангажирање на пратеничките во процесот на одлучување, внатрепартиски активности и ангажираност со гласачите.
Kонсултантката Гану подготвила и извештај со препораки кои би биле од корист за претстојните парламентари избори во 2024 година, кој беше презентиран пред политичките партии и другите заинтересирани страни за време на нејзината втора посета, на 9 и 10 ноември годинава.
Гану е ангажирана во рамките на проектот „Поддршка на изборните реформи во Северна Македонија“, финансиран од Владата на Швајцарија и имплементиран од Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), чија цел е да промовира демократски и кредибилни изборни процеси кои го олеснуваат политичкото учество и социјалната интеграција, овозможувајќи им на гласачите да ги изберат своите претставници и да ги повикаат истите на одговорност.
Повеќе информации во врска со проектот, може да се најдат на официјалната веб страна, достапна на следниот линк: https://electoralreforms.mk
360°: Неодамна работевте на анализа за родовата еднаквост и политичките процеси во Северна Македонија. Кои се Вашите оценки, каква е состојбата во државата со родовата еднаквост?
Гану: Има големи достигнувања на планот на родовата застапеност во политичкиот живот преку прогресивното воведување на квоти за родова застапеност во законите. Повеќето политички партии се ангажираа околу внатрешното интегрирање на родовата перспектива со зголемен, но сепак ограничен пристап на жените до кандидатските листи и лидерски позиции. Меѓутоа, со оглед дека паритетот е втемелен во националната заложба од Националната стратегија за родова еднаквост за 2022 – 2027, преостанува уште многу работа. Тоа се однесува на обезбедување правичен и регулиран пристап до лидерски позиции, во и надвор од партиите, и на капацитетот за водење кампања во политичко опкружување без говор на омраза и злоупотреби.
360°: Кои според Вас, се најпроблематични политички сфери за имплементација на родовата еднаквост, дали тоа се високите државни функции, другите носители на јавните функции или раководствата на партиите?
Гану: Веднаш ќе кажам дека тоа се партиските раководства, бидејќи тоа е областа каде што и понатаму доминираат мажите и има отпор за промени. Партиските раководства дискреционо одлучуваат за номинираните лица за владата, високите државни функции и други носители на јавни функции. Пристапот до овие позиции треба да биде транспарентен, заснован на заслуги и родово сензитивен. Партиските раководства треба да ги отстранат пречките за еднаква родова застапеност на лидерските позиции во и надвор од партиите, како и за да соодветно се интегрира родовата перспектива во рамки на партиите, и притоа да не се сведе само на бројки.
360°: Во државата, генерално, законските прописи кои се однесуват на изборните процеси налагаат минимална застапеност на кандидатските листи на помалку застапениот пол. Но, дали тоа е повеќе форма, отколку суштинска инклузивност на жените во политиката?
Гану: Законските квоти обезбедија суштинска вклученост на жените во политиката, бидејќи се отворија можности за жените да се најдат на победничките места на партиските листи за кандидати за националното собрание и локалните совети. Сега кога жените во Собранието на Република Северна Македонија достигнаа критичен масовен број (над 42 отсто), следниот чекор за нив е заеднички да ја искористат својата моќ и да изнајдат начини да дејствуваат здружено на натпартиска основа за прашања што се од важност и за коишто е потребен консензус.
360°: Се вреднува ли подеднакво еден маж политичар и една жена политичарка?
Гану: Во текот на нашето прво истражување за родовата застапеност, во 2021, спроведовме анкета со граѓаните за да добиеме идеја за размислувањата и перцепцијата на електоратот. Прашања беа поставени на 1 085 испитаници на возраст од над 18 години. Интервјуираните граѓани беа запрашани да го споделат нивното мислење за типични машки и женски кандидати во однос на неколку карактеристики. Во однос на перцепцијата дека недостасува мудрост, снаодливост и капацитет за донесување одлуки, податоците од истражувањето јасно посочија дека капацитетот за промени и перцепцијата дека некој е добар лидер е во директна врска со степенот на поддршка добиена од партијата. Или со други зборови, и за мажите и за жените постои перцепција дека се професионални, посветени и одлучни, и дека единствената пречка за позитивна перцепција за женското лидерство се сведува на отсуството на поддршка од политичките партии за жените кандидатки.
Тука има уште една димензија, односно, вредностите што им се припишуваат на жените политичарки се изобличени низ објективот на медиумите коишто сè уште ги продолжуваат и засилуваат стереотипите.

360°: Што препорачувате Вие, кој модел на изборна реформа би бил соодветен за да се постигне посакуваната цел за родова застапеност?
Гану: Пред 20 години, Комитетот на министри при Советот на Европа усвои резолуција во врска со учеството на жените, и сите земји-членки беа повикани да усвојат законски мерки за воспоставување на вертикален паритет на кандидатските листи. Според овој систем, партиите треба наизменично да поставуваат мажи и жени на нивните кандидатски листи за да се постигне поправична и пропорционална застапеност, согласно на националните и меѓународните политички заложби на земјата. Дополнително, се препорачува да се воведе и квота за носителите на избирачките листи. Конкретно во однос на изборот на градоначалници, постојат различни можности за да се зголеми родовата застапеност преку изборни реформи, а една од нив е и воведување на резервирани места на листите.
360°: Кога се зборува за родовата еднаквост и улогата на жената во политиката, колку е пресудна традицијата и културата на општествата во процесот на избирање (гласање)?
Гану: Во едно од претходните истражувања се соочивме со многу интересна ситуација. На прашањето ако треба да се направи избор помеѓу два подеднакво интересни кандидати за градоначалник, 25 отсто од граѓаните би избрале машки кандидат, а 44 отсто би избрале женски кандидат, додека 30 отсто од граѓаните одговориле дека не знаат кого би одбрале. Истражувањето покажа дека трите најважни критериуми за избор на машки и женски кандидати се: 1) претходни достигнувања; 2) социјално потекло, образование и професионално искуство; и 3) доколку го познаваат/му веруваат на лицето.
Од една страна, партиските програми/прашања, политичката припадност и кампањата се до одредена мера поважни кога се избира машки кандидат. Од друга страна, родот, брачниот/семеен статус и физичкиот изглед до одреден степен се поважни за избор на женски кандидатки.