Во вонредното обраќање до нацијата, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека има оперативни сознанија од некои земји дека Русија ќе изврши напад в среда, на 16 февруари
Руското Министерство за одбрана соопшти дека некои војници позиционирани на границата со Украина се враќаат во базите по завршувањето на вежбите, пренесе новинската агенција Интерфакс.
Сепак, големите вежби низ земјата продолжуваат, додава агенцијата.

Министерката за надворешни работи на Велика Британија, Лиз Трас, вели дека сè уште се уверени дека инвазијата на Украина е „многу веројатна“, и покрај тоа што рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека постои шанса за дипломатско решение.
„Тоа би можело да биде неизбежно. Знаеме дека Русите се подготвени да постават војници околу Украина и дека тоа би можеле да го направат за многу кратко време“,
рече Трас.
Сепак, можноста Русија да се повлече сè уште постои.
Во вонредното обраќање до нацијата, украинскиот претседател Вoлoдимир Зеленски рече дека има оперативни сознанија од некои земји дека Русија ќе изврши напад в среда, на 16 февруари.
„Ни велат дека 16 февруари ќе биде денот на нападот, ќе го направиме ден на единство“,
рече Зеленски, но не сакаше да открие кој му дал такви информации.
Но, постојаниот претставник на Русија во Европската Унија, Владимир Чижов, изјави дека Руската Федерација нема да преземе мерки во однос на Украина доколку, како што наведе, „не биде испровоцирана да го стори тоа“.
„Нема да извршиме инвазија врз Украина доколку не бидеме испровоцирани. Ако Украинците ја нападнат Русија, немојте да се чудите ако возвратиме“,
рече Чижов.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во изјава за Фредерик Плајтген од Си-ен-ен кажа дека рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да преговара и додаде дека кризата во Украина е само дел од безбедносните грижи на Русија.
„Прво, претседателот Путин секогаш инсистирал на преговори и дипломатија. Всушност, тој го покрена прашањето за безбедносните гаранции за Руската Федерација, а Украина е само дел од проблемот. Тоа е дел од поголемиот проблем со руските безбедносни гаранции и претседателот Путин е подготвен да преговара“.
истакна Песков.