Содржината ја објави Н1 повикувајќи се на Ројтерс кој имал увид во него
Документот е од 5 мај, испратен од официјални претставници на ЕУ до министрите за надворешни работи на ЕУ
ЕУ мора да сфати дека земјите од Балканот, кои сакаат да станат дел од ЕУ, губат верба во долгорочната стратегија на Брисел во однос на пристапувањето, што се влоши со првичниот неуспех да се обезбедат вакцини против ковид, се вели во интерен документ на ЕУ во кој Ројтерс имал увид, објави вечерва Н1.
Европа и Соединетите држави велат дека Албанија, Босна, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија еден ден ќе станат членки на Унијата, по војните во 90-тите години, кои доведоа до распад на СФР Југославија.
Но, Кина и Русија, чие ниво на инвестиции и трговија на Балканот е многу пониско од ЕУ, го зајакнуваат своето влијание, надминувајќи ја Унијата, нудејќи им вакцини за коронавирусот за многу брзо време.
„Мора да признаеме дека и покрај непоколебливата посветеност кон европската интеграција, граѓаните во регионот се чувствуваат длабоко разочарани од процесот на проширување“,
се вели во документот од 5 мај, испратен од официјални претставници на ЕУ до министрите за надворешни работи на ЕУ.
„Перцепцијата за слаба реакција на ЕУ во однос на вакцините против ковид-19 дополнително го продлабочи наративот на разочарување“, се додава во документот, подготвен за состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ, на кој се разговараше за Балканот во понеделникот, кој не донесе никакви формални одлуки.
Откако ЕУ со години го занемаруваше регионот, Хрватска организираше самит во мај 2020 година за да даде нов поттик за интеграцијата во Балканот. Намерата беше Северна Македонија и Албанија да започнат разговори за членство на крајот на минатата година, пренесува Ројтерс.
Но, Бугарија одби да ѝ дозволи на Северна Македонија да направи чекор напред, наведувајќи го спорот околу јазикот и културата.
Европската комисија инсистира на тоа дека Албанија и Северна Македонија треба заедно да напредуваат во процесот. Сепак, предлогот од комесарот за проширување на ЕУ, Оливер Вархеји, на почетокот на месецот, кој во меѓувреме е повлечен, само Албанија да започне разговори за пристапување, внесе дополнителна вознемиреност.
Преговорите со Србија и Црна Гора, кои постигнаа најголем напредок на Балканот во процесот на пристапување, исто така се забавија, додека БиХ и Косово сè уште чекаат за статус на кандидати.
„На Западен Балкан има широко распространета перцепција дека изгледите за пристап се намалуваат и дека европската инспирација се удавила во сложени услови и процедури“,
се заклучува интерниот документ на ЕУ, во кој се додава и дека блокот од 27 нации сега испраќа 650 000 дози вакцини од западно производство, но само откако Кина и Русија дистрибуираа милиони од нивно производство низ целиот регион.